Свет
Папата Франциско повика да се забрза вакцинацијата во сиромашните земји
Во својата велигденска порака, папата Франциско ги повика државите да ја забрзаат вакцинацијата, особено во сиромашните земји и ги нарече скандалозни вооружените конфликти во време на пандемија.
Втора година по ред, заради пандемијата од Ковид-19, папските активности по повод Велигден се ограничени на мали собири пред споредниот олтар на базиликата Свети Петар, наместо со претходните миси пред десетици илјади луѓе на истоимениот плоштад.
По утринската миса, Папата даде обраќање „Урби ет Орби“ во кое традиционално се осврнува на светските проблеми и повикува на мир.
“Пандемијата сè уште се шири, а социјалната и економската криза е сериозна, особено за сиромашните. И покрај тоа, што е скандалозно, вооружените конфликти не запираат, а воените арсенали се зајакнуваат”, рече тој.
Во предпандемичните времиња, Папата имаше обраќање пред најмногу 100. 000 луѓе на плоштадот Свети Петар. Овој пат тој зборуваше пред помалку од 200 луѓе во црквата, со пренос преку Интернет за десетици милиони верници.
На главниот плоштад во Ватикан имаше неколку полицајци кои се грижат тридневниот национален карантин да се почитува низ цела Италија. Папата го замоли Бога да ги утеши болните, оние кои ги изгубија своите најблиски, како и невработените. Тој ги повика властите да им обезбедат пристоен живот на семејствата кои имаат потреба. Тој ги пофали медицинските работници, изрази сочувство со младите кои не можат да одат на училиште и истакна дека сите мора да се борат против пандемијата.
„Ја повикувам целата меѓународна заедница, во духот на глобалната одговорност, да се справи со проблемот со доцнењето во поделбата на вакцините и тие да се дистрибуираат особено во најсиромашните земји“, рече тој.
„Господ, кој е наш мир, нека ни помогне да го надминеме воинствениот начин на размислување“, додаде папата Франциско.
Потсети дека денес е и Меѓународен ден за дејствување против мини, затоа повика на забрана за овие „подмолни уреди“, „нструменти на смртта без кои нашиот свет би бил многу подобар.
Коментирајќи ги конфликтите во светот, Папата ги пофали младите луѓе во Мјанмар кои застанаа во одбрана на демократијата и го расчуја нивниот глас на мирен начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

