Свет
Патник го нападнал екипажот на авионот и го оштетил леталото – бргу бил уапсен, а патниците префрлени во друг авион
Патник вчера се качил во пилотската кабина на авион на „Американ ерлајнс“ за време на летот од Хондурас за Мајами и го оштетил леталото пред да биде уапсен.
Поради тоа, летот на линијата за Мајами беше одложен неколку часа бидејќи беше неопходно да се обезбеди друг авион, па патниците наместо во вторник, во главниот град на Флорида пристигнаа во средата наутро, со речиси осум часа задоцнување, пренесува АП.
Компанијата објави дека вратите на пилотската кабина биле отворени пред овој инцидент на меѓународниот аеродром во Сан Педро Сула во Хондурас.
„Интервенираа членовите на екипажот, а патникот на крајот беше уапсен од членовите на локалното обезбедување на аеродромот“, изјави портпаролот на авиокомпанијата.
Меѓутоа, како што дознава АП, властите на Хондурас денеска го ослободиле патникот напаѓач бидејќи авиокомпанијата не поднела тужба.
„Нападот и агресијата врз пилотот и екипажот на авиокомпанијата не беа сериозни“, рече портпаролот на безбедносната служба, Едгардо Барахона, објаснувајќи дека обезбедувањето на аеродромот го уапсило напаѓачот и го предала на националната полиција, која го однела во болница на серија тестови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.

