Свет
Пекинг град на духови поради смртоносниот вирус
Улиците на Пекинг и други кинески градови, во кои вообичаено има гужва и сообраќај, денеска се пусти. Во Кина овој период вообичаено е време кога милиони Кинези патуваат до своите домови за да со своите семејства ја прославата Кинеската нова година.
Но, оваа година, сезоната на празници, кои траат до 4 февруари, стана сезона на страв поради појавата на корона вирусот низ земјата, вклучително и главниот град Пекинг. Поради тоа откажани се новогодишните прослави и традиционалните пазари во близина на храмовите, а многумина Кинези нема да можат да патуваат до нивните домови.
Вухан, градот од 11 милиони жители во централната провинција Хубеи, кој е жариштето на вирусот и уште неколку околни градови со вкупно 50 милиони граѓани, се наоѓаат во изолација.
Шангај привремено го затвори Дизниленд, а во кината се откажани премиерите на седум блокбастери. Најголемите и најважни прослави се откажани и во Макау и Хонгконг, во кои се забалежани по два случаи на заболени од новиот вирус.
Досега до вирусот починаа 41 човек, а заболеа повеќе од 1.300 луѓе во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од 400 милиони деца живеат во сиромаштија
Повеќе од 412 милиони деца во земјите со ниски и средни приходи живеат во сиромаштија и се лишени од основни потреби како образование, здравствена грижа и соодветна исхрана, се наведува во извештајот на УНИЦЕФ објавен по повод Меѓународниот ден на детето.
Според извештајот, најпогодени се децата во субсахарска Африка, а сериозна состојба е забележана и во јужна и југоисточна Азија и регионот на Пацификот. УНИЦЕФ предупредува дека напредокот постигнат во последната деценија е загрозен поради намалување на меѓународната развојна помош.
Агенцијата истакнува дека сиромаштијата е поширок проблем од финансиската немаштија – 65 проценти од децата во земјите со ниски приходи немаат пристап до санитарни услови.
Извршната директорка на УНИЦЕФ, Катрин Расел, повика владите и компаниите да не ги намалуваат средствата за најранливите и да продолжат да вложуваат во клучни услуги за децата.
Свет
Москва: Не постојат преговори со Вашингтон за Украина, само контакти
Секој мировен план за Украина ќе мора да ги елиминира корените на конфликтот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе „Ројтерс“.
Тој посочи дека иако имало контакти со САД, во моментов нема преговори со Вашингтон за таков план.
Претходно денес, две лица запознаени со прашањето открија дека САД му сигнализирале на претседателот Володимир Зеленски дека Украина треба да прифати рамка подготвена од Вашингтон за завршување на војната со Русија, во која се предлага Киев да се откаже од територија и дел од оружјето.
„Аксиос“, кој прв објави за планот од 28 точки , објави дека Украина и Европа ќе добијат безбедносна гаранција од САД во замена за тоа Киев да ѝ отстапи делови од источна Украина на Русија кои моментално не се под контрола на Москва.
Песков појасни дека нема што да додаде на она што беше кажано на августовскиот самит во Анкориџ, Алјаска, меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп.
„Не можеме да додадеме ништо ново на она што беше кажано во Анкориџ“, истакна тој, додавајќи дека нема формални консултации или преговори со САД за мировен план за Украина.
„ Како такви, консултациите во моментов не се во тек. Секако, има контакти, но нема процес што би можел да се нарече консултации “, објасни Песков.
На прашањето дали Путин бил информиран за „мировниот план од 28 точки“, Песков одговори: „Немам што да додадам на она што веќе го кажав“.
„Спогодбата мора да доведе до елиминирање на коренските причини за овој конфликт“, нагласи тој.
Путин ја претставува војната како пресвртница во односите на Москва со Западот, за кој вели дека ја понижил Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година со проширување на НАТО и посегнување по она што тој го смета за сфера на влијание на Москва, вклучувајќи ги Украина и Грузија.
Рускиот лидер побара Украина да се откаже од својата амбиција да се приклучи на Алијансата, да се прогласи за неутрална земја и да ги ограничи своите вооружени сили.
Поранешниот американски претседател Џо Бајден, западноевропските лидери и Киев ја опишаа војната во Украина како грабеж на територија во империјален стил и постојано ветуваа дека ќе ги поразат руските сили.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.

