Свет
Пеколни 6 часа во Њујорк: на секои 2,9 минути умирал пациент со коронавирус
Бројот на смртни случаи меѓу заразените со Ковид-19 во Њујорк во понеделникот попладне се искачи на 914 за шест пеколни часа, во кои починале 124 луѓе, односно по еден на секои 2,9 минути, пренесува „Њујорк пост“.
Во соопштението од Градското собрание во 10.30 часот изутрината, во петте кварта на градот биле забележани 36.221 потврден случај на зараза, со 790 потврдени смртни случаи. Но, до 16.30 часот бројот на случаи достигнал 38.087, а бројот на смртните случаи експлодирал до 914.
Од повеќе од 38.000 случаи, 7.741 пациент, или околу 20 отсто биле хоспитализирани, покажува статистиката.
Квинс останува најтешко погодениот дел од градот со 12.756 случаи или нешто повеќе од една третина од вкупниот број случаи. На второто место е Бруклин со 10.171 случаи (27 отсто) по што следуваат Бронкс (6,925; 18 отсто), Менхетн (6.060; 16 отсто) и Статен Ајленд (2.140; шест отсто).
Ужасниот скок во понеделникот следуваше по сличен период во неделата во кој беа регистрирани 98 смртни случаи.
За време на брифингот во понеделникот, гувернерот Ендрју Куомо извести дека државата како целина била погодена од 66.497 потврдени случаи со Ковид-19 и 1.218 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

