Свет
Песков: Нуклеарните тестови на Трамп не значат војна
Кремљ не верува дека почнала нова рунда од трката во вооружување меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Претходно, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, нареди итно почнување на тестирањето на нуклеарно оружје и исто така истакна дека САД имаат полигони за тестирање нуклеарно оружје, а деталите за тестовите ќе бидат објавени подоцна.
„Сè уште не“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан дали изјавите на Трамп за почетокот на тестирањето на нуклеарно оружје може да се сметаат за нова рунда од трката во вооружување.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија го тестирала подводното возило „посејдон“ во вторникот.
Тој исто така на 26 октомври објави дека тестовите на ракетата „буревестник“ се завршени.
Договорот за забрана на нуклеарни тестови во атмосферата, во вселената и под вода беше потпишан во Москва на 5 август 1963 година од претставници на СССР, САД и Велика Британија.
Фото: притнскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Престанете да го смирувате тиранинот од Вашингтон“: Kаламар порача Европа да се спротивстави на Трамп
Европа мора да престане да се обидува да го „смири“ американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да му се спротивстави нему, како и на другите „тирани“ кои се решени да го уништат редот заснован на правила воспоставен по Втората светска војна, изјави денес генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар.
„Ни треба многу посилен отпор“, рече Каламар во интервју за АФП на маргините на Светскиот економски форум во Давос, предупредувајќи дека „кредибилитетот на Европа е во прашање“.
Каламар ги повика европските влади да покажат поголема „храброст“ и да знаат како да „кажат не“.
„Тие мора да престанат да веруваат дека можат да преговараат со тирани, мора да престанат да мислат дека можат да ги прифатат правилата на предаторите без да станат нивни жртви. Ова мора да престане“, рече Каламар, пренесува Хина.
Каламар оцени дека европските лидери минатата година воделе политика на смирување.
„Се обидовме да го смириме тиранинот, предаторот кој живее во Вашингтон и тоа нè доведе кон сè повеќе напади и сè повеќе закани“, рече таа.
Таа потсети дека европскиот проект не е само економски, туку се темели и на вредности и владеење на правото, и изрази надеж дека европските лидери ќе ги искористат сегашните предизвици како можност за повторно потврдување на европскиот проект.
„Ова бара напуштање на политиката на смирување“, заклучи таа, и рече дека „едноставно не функционира“, повикувајќи ја Европа да „се спротивстави“.
Свет
Политико: Трамп го избегнува Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп избегнува контакти со Володимир Зеленски на маргините на форумот во Давос, пишува Политико, повикувајќи се на извори.
„Според експертите за надворешна политика од Републиканската партија, Зеленски многу сака лична средба, додека неподготвеноста да се одржи доаѓа од Белата куќа“, се наведува во статијата.
Шефот на режимот во Киев, верува дека придобивките од комуникацијата со Трамп ги надминуваат можните ризици. Ако тој не комуницира со американскиот лидер, други ќе се справат со тоа, се нагласува во текстот.
По последната средба со американскиот претседател на крајот на декември, Зеленски тврдеше дека страните се согласиле за безбедносни гаранции за Украина.
Во исто време, Трамп пред неколку дена изјави дека Русија е подготвена да склучи мировен договор, додека шефот на режимот во Киев го одложува процесот.
На почетокот на декември, Владимир Путин ја прими американската делегација во Кремљ. Страните ја разгледаа суштината на иницијативата предложена од САД, но не успеаја да најдат компромисно решение. Како што изјави претседателот, Вашингтон ги подели 27-те точки од оригиналниот план во четири пакети и предложи тие да се разгледаат одделно.
Неколку дена подоцна, во Берлин се одржа состанок на претставници на САД и Украина, чија содржина беше пренесена на Русија преку шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев.
На крајот на декември, Трамп одржа преговори со Зеленски во Флорида. Шефот на Белата куќа објави дека страните постигнале разбирање за 95 проценти од прашањата. После тоа, тој разговараше по телефон со Путин, кој го информираше за обидот на вооружените сили на Украина да ја нападнат неговата резиденција. После тоа, во Москва беше објавено дека преговарачката позиција е ревидирана, анализира медиумот.
Регион
Земјотрес во Грција
Земјотрес со магнитуда од 4,0 степени според Рихтеровата скала се случи рано утрово во грчкиот регион Лаконија, јавуваат грчките медиуми.
Земјотресот се случил во 08:38 часот по локално време, 320 км југозападно од Атина, пренесува Катимерини.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот се наоѓал во морското подрачје 117 км југозападно од Геролименас во Лаконија.
Досега нема извештаи за евентуални штети во овој земјотрес.

