Свет
Пет земји склопија пакт, по итна постапка ќе одобрат модифицирани вакцини

Мoдифицирани вакцини, кои треба да обезбедат заштита од нови варијанти на коронавирусот, ќе бидат одобрени по итна постапка, објавија регулаторните тела на петте земји што се приклучија на конзорциумот ACCESS.
Конзорциумот ја вклучува Агенцијата за регулирање лекови и здравство во Велика Британија (МХРА) и слични регулаторни тела во Австралија, Канада, Сингапур и во Швајцарија.
Со договорот меѓу петте земји ќе се избегнат долги клинички испитувања за одобрени вакцини, кои ќе се приспособат на новите варијанти на коронавирусот во иднина сè додека производителот може да обезбеди цврст доказ за ефикасноста и безбедноста, се вели во документот.
„Наш приоритет е да ѝ понудиме на јавноста ефективни вакцини во најкус можен рок под услов да останат безбедни“, рече Кристијан Шнајдер, раководител на истражување во МХРА.
Тој истакна дека јавноста не треба да се грижи бидејќи ниту една вакцина нема да биде одобрена доколку не е доволно безбедна за употреба, ефективна и квалитетна.
Здравствените експерти се загрижени дека новите варијанти на коронавирусот, вклучително и бразилскиот, се поотпорни на постојните вакцини загрозувајќи ги плановите на голем број земји за укинување на строгите ограничувачки мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Жерар Депардје прогласен за виновен за сексуален напад

Суд во Париз го прогласи францускиот актер Жерар Депардје за виновен за сексуален напад врз две жени на филмски сет во 2021 година, во еден од најзначајните случаи на #MeToo што се појавиле пред судовите во Франција, објави Си-ен-ен.
Депардје, истакната личност во француското кино, постојано негираше каква било вина за време на судењето, а неговиот адвокат побара отфрлање на обвиненијата.
На судењето, тој изјави дека медиумите ги искористиле обвинувањата за да му го нарушат угледот. Тој го критикуваше движењето #MeToo.
„Ова движење ќе се претвори во терор“, рече тој.
Сепак, судијата Тиери Донард го сметаше објаснувањето на Депардје, за инцидентот, неубедливо.
Државното обвинителство побара од судот да му изрече условна казна затвор од 18 месеци на 76-годишниот Депардје и парична казна од 20.000 евра.
Судењето на Жерар Депардје се смета за пресвртница за француската филмска индустрија, која со години беше обвинувана дека е бавна – па дури и отпорна – на обвинувањата за злоупотреба од страна на жените.
Во извештајот на францускиот парламент објавен минатиот месец се заклучува дека сексуалното насилство и сексуалното вознемирување остануваат „ендемски“ во француската забавна индустрија и дека жените и децата сè уште се редовно изложени на предаторско однесување.
Свет
Франција, Велика Британија и Германија не сакаат да го запрат конфликтот во Украина, оценува Русија

Франција, Велика Британија и Германија не сакаат да го запрат конфликтот во Украина, туку се обидуваат да го пролонгираат, изјави за ТАС рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко.
„Очигледно е дека овие земји се обидуваат да го продолжат конфликтот. Ако го отстраниме вербалното пакување во кое ги презентираат своите политички потези, нивната главна цел е пораз на Русија на бојното поле, меѓународна изолација, економско задушување и промена на режимот. Во сите овие области тие доживеаа целосен неуспех, но тоа не ја намалува нивната решителност да ги постигнат своите цели“, рече Грушко.
Тој додаде дека овие три земји имаат намера да извршат притисок врз Русија во врска со предлогот на претседателот Владимир Путин за преговори во Истанбул. Тој исто така рече дека е тешко да се коментираат ставовите на европските политичари, бидејќи, според него, „тие се менуваат брзо и често“.
„Пред три недели тие го кажаа сосема спротивното. Ќе ве потсетам дека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција не поддржува кревко примирје. 30 дневно примирје, не е ли тоа кревко? Значи, денес велат едно, утре друго“, рече Грушко, пренесува Танјуг.
Според него, европските земји во голема мера го следат политичкиот правец што доаѓа од Соединетите Американски Држави.
„Бродот на Европската Унија сега плови под едрата што ги движат ветровите од Запад“, рече тој. Сепак, Грушко истакна дека „гласовите на разумот“ се слушаат сè повеќе и повеќе во Европа. „Тоа можевме да го забележиме за време на одбележувањето на 80-годишнината од Големата победа. Верувам дека ќе има сè повеќе и повеќе такви гласови“, заклучи тој.
Европа
Пожар избувна во куќата на британскиот премиер, уапсен е млад човек

Дваесет и едногодишен маж е уапсен под сомнение дека го запалил домот на британскиот премиер Кир Стармер во северен Лондон. Полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат со „намера за загрозување на животот“. Метрополитенската полиција потврди дека осомничениот е уапсен во раните утрински часови и е во притвор.
Апсењето е поврзано со три одделни пожари што се случија во северен Лондон во текот на изминатата недела: пожар на приватна адреса во Кентиш Таун, запалено возило и уште еден пожар на влезот во друга зграда.
Полицијата соопшти дека бидејќи куќата била поврзана со добро позната јавна личност, истрагата ја презел одделот за борба против тероризмот на Метрополитенската полиција. „Во тек е истрага за да се утврди што го предизвикало пожарот“, соопшти полицијата. „Сите три пожари во овој момент се третираат како сомнителни.“
Иако Кир Стармер живее на Даунинг стрит како британски премиер, тој сè уште ја одржува својата приватна адреса во северен Лондон. Влезот во куќата беше оштетен, но немаше повредени.
Еден од жителите на улицата рече дека слушнал силен тресок што звучел „како молотов коктел“.
Портпаролот на Лондонската противпожарна бригада потврди дека биле повикани поради мал пожар пред куќа во Кентиш Таун во понеделник наутро. На местото на настанот беа испратени две противпожарни возила од локалната станица.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Стармер е благодарен на службите за итни случаи за нивниот брз одговор, но дека поради истрагата, која е сè уште активна, не може да даде дополнителни коментари.