Свет
Пленковиќ во Давос: Треба да се почнат разговори со Русија, Русите може да ги издржат санкциите
Треба да почнеме разговори со Русија за војната во Украина бидејќи рускиот претседател Владимир Путин може да биде трпелив, а рускиот народ може да ги издржи санкциите, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на работниот појадок во рамките на Светскиот економски форум во Давос.
„Не гледам никаква драматична работа внатре во Русија, дека 15, 16 или 26 пакет-санкции промениле нешто во нивниот начин на размислување, а тоа се случило во минатото“, рече Пленковиќ на панелот „Украински појадок“.
Тој рече дека е неопходно да се почнат разговори со Русија бидејќи Путин може да биде трпелив, а Русите да го издржат режимот на санкции.
Тој рече дека не гледа противење во Русија што би можело да му се заканува на рускиот претседател и нагласи дека Русија издвојува девет отсто од својот БДП за одбраната.
„Тие имаат способност бескрајно да регрутираат војници, без разлика дали се домашни расфрлани на два континента или Севернокорејци што водат војна во Украина“.
Рече дека се согласува оти е неопходно да се зајакне Украина што е можно повеќе, а во исто време да се држи до принципите:
„Не треба да се дозволи секогаш кога ќе има некаков договор, тоа да биде договор што ќе ги зацементира окупираните територии во некаков замрзнат конфликт и ќе им даде на Русите изгледи за нова можност да ја нападнат Украина“, рече Пленковиќ.
Тој посочи дека на преговарачка маса треба да биде и Европа, но главниот актер треба да биде Украина.
„И ако најдеме некаков вид примирје, тоа треба да вклучува постепена, мирна реинтеграција на окупираните територии“, додаде премиерот.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, на панелот преку виде-врска рече дека постои голема фрустрација меѓу Американците поради тоа што многу се зборува во последните години за дополнителни распределби за војската.
„Поранешниот американски претседател Џо Бајден и Путин не разговарале повеќе од три и пол години, ние мислиме дека тоа е срамота. Американскиот народ смета дека тоа е срамота. Треба да можете да разговарате со луѓето. Разговорот е тактика. Нема да можете да ги решите проблемите по мирен пат, освен ако, всушност, не разговарате, мислам дека постои огромна фрустрација меѓу Американците кои трошиме стотици милијарди долари, а нашите лидери не разговараат меѓу себе.
Пленковиќ одговори дека Путин бил изолиран во изминатите 10 или 11 години:
„Буквално, има неколку лидери на власт на Запад, кои имаат некаков вид на навистина личен контакт со него, многу малку, не повеќе од пет, би рекол, и тоа е важно. Тоа значи дека нема доверба и нема историја на веродостојна врска“, рече Пленковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.
Свет
Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас
Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.
Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.
Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.
Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.
Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.

