Свет
Повеќе од 600.000 луѓе на Куба се погодени од недостиг на вода
Повеќе од 600.000 луѓе на Куба, или приближно секој 20-ти од 10 милиони жители, имаат проблеми со снабдувањето со вода, објави денеска „Ројтерс“.
Хавана е најпогодена од недостигот на вода, а властите ги обвинуваат уништената инфраструктура и постојаниот недостиг на гориво како последици од економската криза што ја доведе земјата до банкрот.
Надлежните велат дека недостигаат резервни делови за застарената водоводна инфраструктура, како што се цевки и пумпи.
Честите прекини на струја само ги влошуваат работите.
„Кога ќе ја прекинат струјата, не можеме да дадеме вода“, вели Педро Мартино, жител на општината Сан Мигел де Падрона, кој работи со црковна група, која им помага на граѓаните.
Економијата на Куба е погодена од неколку фактори, вклучително и пандемијата на коронавирусот, построгите санкции на САД, лошото управување и корупцијата, според „Ројтерс“.
Социјалната и економската криза се сметаат за едни од најлошите од револуцијата на кубанскиот лидер Фидел Кастро во 1959 година, што доведе до рекорден егзодус на кубански мигранти во последните две години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

