Свет
Познатиот њујоршки неделник „Вилиџ војс“ престанува да работи по 60 години
Познатиот њујоршки неделник „Вилиџ војс“, кој произлезе од културната сцена во квартот Гриничвилиџ, престанува со работа, објавено е пред неколку дена.
Во говорната пошта на сопственикот Питер Барби на работниците на неделникот им беше кажано дека половина од нив се отпуштени, а оние кои остануваат ќе бидат ангажирани во архивирање.
Самиот весник официјално не објави ништо за својот крај, но неколку работници ја потврдија оваа вест на „Твитер“.
„Сипај една за ‘Вилиџ војс’. Беше тоа добро време“, напиша уредникот на вестите, Нил Демаус.
Неделникот е основан во 1955 година од познатиот писател Норман Мејлер со Дан Волф и Ед Фансер. Особено значење му даваше на истражувачкото новинарство. Весникот освои три Пулицерови награди, вклучувајќи ги и оние за извештајот за убиството на плејбој-зајачицата и за ХИВ во Африка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Училиштата во Загреб алармираат: ученици разменувале експлицитни материјали од насилство на „Ватсап“ група
Неколку основни училишта во западниот дел на Загреб ги предупредиле родителите за содржини што ги разменувале ученици во „Ватсап“-група наречена „Луѓенца“, објави „Јутарњи“.
Според информациите, во групата се споделувале експлицитни сексуални материјали, нацистички симболи и фотографии со крајно насилен и вознемирувачки карактер. Директори на училиштата ги повикале родителите да обрнат поголемо внимание на активностите на своите деца на мобилните телефони.
Една мајка за која пишува „Јутарњи“ изјавила дека е згрозена кога дознала на каков материјал може да наидат децата, предупредувајќи дека многумина родители не знаат како да пријават несоодветна содржина на „Ватсап“. Училиштата, според весникот, најавиле дополнителна едукација за безбедно користење на интернет.
Психологот Јокиќ Бегиќ за „Јутарњи“ изјавил дека ваквите случаи укажуваат на сериозен пад на општествените норми и недостиг на контрола, нагласувајќи дека решението е навремена едукација и јасно одбивање на вакви содржини од страна на јавноста.
Од Град Загреб за „Јутарњи“ потврдиле дека станува збор за неколку училишта и дека случајот е пријавен во полиција. Оттаму апелираат родителите да ги следат активностите на своите деца на социјалните мрежи и да пријавуваат сомнителни материјали.
Директорка на едно од училиштата, чија порака ја пренесува весникот, навела дека слични содржини се делат и на „Снепчет“, предупредувајќи дека станува збор за одвратна и опасна содржина што може да го загрози менталното здравје и безбедноста на децата.
Свет
15-годишник уапсен во Британија за обидот за убиство на 16-годишно момче кое се бори за живот
Шеснаесетгодишно момче се бори за живот откако завчера беше застрелано во Шефилд, а полицијата уапси 15-годишник под сомнение за заговор за убиство. Пукањето се случило нешто пред 17:20 часот на прометната улица Лондон роуд, во време на најголема гужва во центарот на градот, пишува „Скај њуз“.
Жртвата итно била пренесена во болница, каде што и понатаму е во животна опасност. Полицијата на Саут Јоркшир потврди дека 15-годишникот е приведен додека детективите работат на утврдување на околностите што довеле до нападот.
„За злосторства со оружје и насилство нема место во Саут Јоркшир, а фактот дека младиот човек се бори за живот е ужасен и нема да се толерира“, порача надзорникот на Шефилд, Мартин Симкок.

Тој изјави дека полициските службеници и форензичките тимови на терен собирале докази, но додаде дека истрагата и понатаму се потпира на помош од јавноста.
„Ве повикувам да се јавите. Без разлика колку вашата информација е мала, токму таа може да биде делот што ни недостасува. Тинејџерот и неговото семејство заслужуваат одговори, а ние сме посветени да ги добијат“, додаде Симкок.
Главната инспекторка Ема Најт, повисока истражителка на случајот, изјави дека станува збор за „ужасен инцидент“. „Сакам да ги уверам жителите дека посветен тим службеници и персонал неуморно работи на разбирање на околностите што довеле до овој напад и на пронаоѓање на одговорните“, рече таа.
Регион
(Видео) Шокантна сцена во Дубровник: што се исфрли морето на брегот
Шокантни слики доаѓаат од Јадранското Море, каде што најпознатата плажа во Дубровник, Бање, е оставена покриена со ѓубре откако морето исфрлило големи количини отпад на брегот!
Жителите на Дубровник ги фотографираат и снимаат тажните сцени од познатата плажа, но не се изненадени од оваа сцена бидејќи се повторува од година во година.
Како што објави „Дубровачки дневник“, ова е проблем што се повторува со години, кога морето носи огромни количини ѓубре, најчесто од Албанија, на хрватските брегови и плажи.
фото: принтскрин

