Свет
Поведено обвинение против Трамп во случајот со исплата на мито за порноактерка
Големата порота на Менхетн синоќа поведе обвинение против поранешниот претседател Доналд Трамп за исплата на кампањски средства на порноактерката Сторми Даниелс за да премолчи дека имала односи со него. Ова е првпат во историјата на САД поранешен претседател да биде обвинет за кривично дело.
Трамп за некои медиуми потврди дека во вторник идната недела доброволно ќе се предаде во полициската станица на Менхетн. Според процедурата, тој треба да биде задржан, да му бидат одземени отпечатоци и да се фотографира за полициско фото како и сите уапсени. Потоа, со лисици на рацете треба да се појави пред судија и да се изјасни дали чувствува вина или не.
Обвинението е за ненасилен злостор, па се очекува да биде пуштен да се брани од слобода без залог. Трамп ќе дојде во придружба на тајната служба, па не се знае дали ќе му бидат ставени лисици. Новинарски екипи од САД и целиот свет уште сега се собираат пред судот во Њујорк да известуваат од овој настан без преседан во американската историја.
Сè уште не се објавени детали од обвинението поведено по повеќемесечна истрага на Окружниот обвинител на Менхетн, демократот Елвин Брег. Набљудувачите сметаат дека ова може да влијае врз плановите на Трамп да се кандидира за претседател. Тој претходно изјави дека нема да се откаже од кампањата и во случај да биде поведено обвинение против него бидејќи отфрли секаква вина.
Поведувањето обвинение за поранешен претседател е скандалозно, изјави Мајк Пенс, кој служеше како потпретседал на Трамп.
Во интервју за Си-ен-ен тој укажа дека случајот е слаб и може да биде отфрлен од судијата. И други републиканци застанаа на страната на Трамп и коментираа дека ова е политички лов на вештерки против поранешен републикански претседател и обид на радикалната левица да ја подели нацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос
Регион
ГП Евзони блокиран поради протестот на грчките земјоделци
Денеска во 18:00 часот поради протестот на грчките земјоделци, ГП Евзони е блокиран за сите видови на сообраќај за влез во Р. Грција, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека граничниот премин за излез од Грција работи само за тешки моторни возила.

