Свет
„Политико“: Бајден ќе размисли за условување на воената помош за Израел во случај на инвазија на Рафа
Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе размисли за условување на воената помош за Израел доколку таа земја изврши голема инвазија на Рафа, во Појасот Газа, пишува „Политико“ повикувајќи се на четворица упатени американски претставници.
Според порталот, фактот што Бајден би го разгледал овој чекор ги одразува екстремните тензии во неговите односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Иако Бајден не донел никаква одлука за ограничување на идните трансфери на оружје, официјални лица рекоа дека тој може да го стори тоа доколку Израел почне нова операција, што дополнително ги загрозува палестинските цивили, пренесува медиумот.
Едно од официјалните лица, според написите, истакнало дека Бајден „дефинитивно размислувал“ за задржување на помошта.
Бајден дал разни индикации за тоа што мисли за идната продажба на оружје на Израел, наведува „Политико“ и потсетува дека минатата година американскиот претседател ја нарече идејата за условување на воената помош „вредна за размислување“, пренесува „Танјуг3.
Во интервјуто што го даде викендов за американскиот Ем-си-ен-би-си, Бајден, сепак, рече дека ќе продолжи да испраќа оружје во Израел, особено ракетниот одбранбен систем „Железна купола“, но нагласи дека масовните цивилни жртви во Газа за него се црвена линија и дека не е можно да се дозволи да бидат убиени 30.000 Палестинци.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, во изјава за „Политико“ рече дека „нема да коментира шпекулации од анонимни извори или да додаде нешто на она што го кажа претседателот викендов.
Иако Бајден стана поотворено критички настроен кон операциите на Израел, позицијата на Нетанјаху многу малку се промени, а тој во неделата му кажа на Аксел Спрингер дека неговите сили ќе се преселат во Рафа и покрај предупредувањата на американскиот претседател, наведува „Политико“.
Порталот додава дека повеќето аналитичари веруваат оти израелската инвазија на Рафа ќе се случи по Рамазан, но дека за Бајден останува најголемото прашање дали условеноста на воената помош би го принудила Израел да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

