Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет-санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет-санкции против Русија в среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“ повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет-санкции веќе не се очекува в среда, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за намалување на нивната зависност од руската нафта, објавува „Танјуг“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантскиот сојуз дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин
Свет
Кубилиус: Русите можеби се подготвени да го нападнат НАТО

Европксиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус изјави дека германското разузнавање има докази дека Кремљ размислува за напад врз НАТО. Во интервју за полскиот весник „Виборча“ рече дека таквите информации треба да се сфатат исклучително сериозно.
„Верувам во специјалните служби. А германските разузнавачки служби тврдат дека имаат докази дека Кремљ зборува за напад врз НАТО. Ако зборуваат, дали го планираат тоа? Не знаеме. Но, ваквите сигнали мора да се сфатат сериозно. Можно е тие навистина да се подготвени за војна. Мора да се подготвиме и да учиме не само од искуствата на Украинците, туку и од Русите“, рече Кубилиус.
Тој нагласи дека руските сили плаќаат ужасна цена на бојните полиња, но дека тоа не значи дека Кремљ е незадоволен од постигнатото. „Путин требаше да дојде во Киев три дена по почетокот на војната. Но, за време на конфликтот, начинот на водење на војна се промени. Не смееме да заборавиме дека Русите успеаја да се прилагодат на оваа технолошка трансформација. И покрај огромните загуби, Русија е сè уште способна да произведува оружје, муниција и воена опрема во голем обем“, рече тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога Европа сè повеќе дискутира за потребата од зајакнување на одбранбените капацитети и намалување на зависноста од надворешни партнери. Комесарот за одбрана предупредува дека Унијата се соочува со реална закана и дека мора стратешки да инвестира во одбранбената индустрија и да се подготви за сценарио во кое Русија би можела да ги таргетира и членките на НАТО.
Додека Кубилиус и западните разузнавачки служби предупредуваат за можни планови на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин неодамна ги отфрли ваквите тврдења во јавни настапи, нарекувајќи ги „глупости“.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Украина редовно ќе користи свои балистички ракети во иднина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека Украина успешно ги користела ракетите „Нептун“ и дека ќе дојде време кога редовно ќе ги користи своите балистички ракети.
Зеленски зборуваше за време на Меѓународниот форум на одбранбената индустрија, нагласувајќи дека еден од приоритетите е максимално зголемување на производството на пресретнувачки беспилотни летала за соборување беспилотни летала од типот „Шахед“, објави украинскиот „Униан“.
„Во моментов има одреден дефицит, но работиме на тоа. Истото важи и за развојот на украинските балистички способности. Успешно го користевме „Нептун“ – нашите крстосувачки ракети – неколку пати. Ќе дојде време кога редовно ќе ги користиме сопствените балистички ракети“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Тој нагласи дека ова е една од клучните безбедносни цели за државата, како и за сите компании и поединци кои учествуваат во развојот на украинската ракетна програма. „Имањето сопствена ефикасна балистика е една од гаранциите за безбедност“, рече украинскиот претседател.
Зеленски, исто така, истакна дека од почетокот на војната, потенцијалот на украинската одбранбена индустрија се зголемил многукратно и дека за следната година се проценува дека производствениот капацитет на беспилотни летала и ракети ќе достигне 35 милијарди долари.
Фото: принтскирн