Свет
„Политико“: Северна Кореја ја вооружува Русија побргу отколку што Западот ја вооружува Украина
И покрај тоа што ветија дека ќе ја поддржат Украина со милион парчиња муниција во рок од една година за да ѝ помогнат да одговори на руската инвазија, производителите на оружје на ЕУ не се ни блиску до постигнување на таа цел до март.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја на парламентарна седница зад затворени врати соопшти дека Северна Кореја извршила најмалку 10 трансфери на оружје за Русија од август.
„Северна Кореја води воена економија што ние ја немаме“, рече Тревор Тејлор од Кралскиот институт за одбранбени и безбедносни студии (RUSI) во Лондон. „Но, дали муницијата што тие ја испорачуваат е на ниво на доверливост и безбедност до кои би се придржувале Европејците е друго прашање“, додаде тој.
Европската комисија испорача 223.800 артилериски гранати на Украина од 31 мај како дел од програмата за компензација за земјите што се согласија да ги испратат своите резерви во Киев.
Како одговор на ситуацијата со набавката на муниција, Киев сака да произведе повеќе муниција на своја територија. Во септември германскиот федерален суд даде зелено светло за заедничко вложување помеѓу „Рајнметал“ и државната украинска одбранбена индустрија.
Една од причините зошто целта од еден милион проектили е толку недостижна е тоа што земјите од ЕУ – на инсистирање на комесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон, пред сè, Германија и Франција – не би се согласиле да вклучат муниција произведена надвор од ЕУ во испораката, пренесува медиумот.
Кога западните сили влегоа во војна, тие исто така водеа многу конфликти од она што сега се случува во Украина. Воената акција на Обединетото Кралство во Северна Ирска, француските интервенции во Западна Африка или инвазиите на Авганистан и Ирак поддржани од САД малку личат на артилериската војна на Русија и Украина, заклучува „Политико“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

