Свет
Полициска станица во САД бара криминалците да останат дома поради вирусот

Полициската станица од градот Пујалуп во сојузната амариканска држава Вашингтон ги изненади корисниците на социјалните мрежи кога на својата фејсбук-страница стави објава во која од криминалците бара да ги сопрат своите активности за време на епидемијата од коронавирусот.
„Поради локалните случаи со инфекција од вирусот Ковид-19, нашата полициска станица ве замолува сите криминални активности и нелегални поведенија да запрат. На сите криминалци што го разбираат и ќе постапат по овој наш повик, однапред им благодариме“, се вели во соопштението на малата полициска станица.
Од таму порачуваат дека кога ќе дојде време, ќе се огласат со нов извештај со кој ќе ги информираат засегнатите дека може да продолжат со своите активности.
„Ќе ве известиме кога ќе може да продолжите со вашето нормално криминално однесуваање“, додаваат од полициската станица во Пујалуп.
Според статистиката од универзитетот „Џон Хопкинс“, на ниво на САД има регистрирано вкупно 6.353 заразени со коронавирусот и 108 смртни случаи. Повеќето од фаталните случаи се токму во сојузната држава Вашингтон, каде што има 55 починати и 1.076 лица заразени со вирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Асошиејтед прес“: Американците и Израел контактирале со три земји и ги прашале дали ќе ги земат Палестинците од Газа

Соединетите Американски Држави и Израел контактирале со официјални лица од неколку источноафрикански земји со цел да ја искористат нивната територија за преселување на Палестинците од Газа, објави Асошиејтед прес (АП), цитирајќи американски и израелски официјални лица.
Официјални лица во Судан, Сомалија и отцепениот регион Сомалиленд биле контактирани за предлогот, твврди новинската агенција.
Суданските власти рекоа дека предлогот е отфрлен, додека оние од Сомалија и Сомалиленд велат дека не знаат за какви било контакти, додава агенцијата.
На почетокот на овој месец, арапските лидери усвоија египетски план за реконструкција за Газа, вреден 53 милијарди долари, со кој ќе се избегне раселување на Палестинците од енклавата, за разлика од визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „блискоисточна ривиера“.
Трамп предложи американско преземање на Газа за обнова на разурнатата енклава, откако претходно предложи Палестинците да бидат трајно раселени.
Планот на Трамп ги засили долгогодишните стравови на Палестинците дека трајно ќе бидат протерани од своите домови и наиде на широко меѓународно отфрлање.
Свет
Никој не може да го присоедини Гренланд, тоа е кршење на меѓународното право, реагира данскиот министер на изјавата на Трамп

Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, изјави дека Гренланд не може да биде присоединет од никого реагирајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можна анексија на Гренланд.
„Не можете да анектирате сојузничка земја или која било друга бидејќи тоа го прекршува меѓународното право“, рече тој во интервју за ТВ „2“.
Данскиот министер исто така изрази уверување во поддршката на НАТО во контекст на претензиите на Трамп за островот, објави данскиот јавен сервис додавајќи дека не ја гледа желбата на Гренланѓаните да бидат Американци.
За време на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во четвртокот, Трамп рече дека мисли оти анексијата на Гренланд ќе се случи бидејќи тоа е неопходно за меѓународната безбедност.
Потоа вршителот на должноста премиер на Гренланд, Муте Егеде, изјави дека ќе иницира состанок на партиските лидери од островот.
Свет
Трамп: Разговарав со Путин, го повикав да им ги поштеди животите на украинските војници во Курск

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал многу добар и продуктивен телефонски разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, тврдејќи дека има големи шанси на оваа ужасна крвава војна, конечно, да ѝ дојде крајот.
Трамп исто така рече дека разговарал со Путин за украинските сили во Курск барајќи од рускиот лидер да ги поштеди нивните животи откако наводно биле опколени од руските сили.
„Вчера, имавме многу добри и продуктивни разговори со рускиот претседател Владимир Путин и има големи шанси оваа ужасна крвава војна, конечно, да заврши“.
„Но, во овој момент илјадници украински војници се целосно опкружени од руската војска и се во многу лоша и ранлива состојба. Силно побарав од претседателот Путин да ги поштеди нивните животи. Ова би бил ужасен масакр, каков што не е забележан од Втората светска војна. Нека Господ ги благослови сите!!!“, рече Трамп.