Свет
Полицискиот синдикат во Чикаго ќе ги исклучи полицајците што ќе клекнат со демонстрантите
Шефот на моќниот полициски синдикат во Чикаго рече дека секој полицаец во градот што ќе клекне на колено за време на протестите по смртта на Џорџ Флојд, ќе биде исклучен од синдикатот, пренесува „Фокс 32 Чикаго“.
Џон Катанзара, новиот претседател на чикашкиот братски ред на полицијата, рече дека гестот на кој сведочеле за време на протестите по смртта на Флојд во Минеаполис е предавство на униформата.
„Не верувам дека е време или место да се прави тоа. Ако клекнете, ќе ризикувате против вас да бидат поведени обвиненија и да бидете исклучени од синдикатот. Земето го, на пример, овој викенд. Ова беше за укинување на финансирањето и на полицијата. И за тоа ќе клекнете на колено? Тоа е смешно“, рече Катанзара пред станицата.
Смртта на Флојд на 25 мај предизвика светски повици за расна правда и за осуда на полициската бруталност и поттикна силно движење за укинување на полицијата по две недели судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Минатата недела еден поручник од њујоршката полиција се извини поради својата „ужасна одлука“ да клекне на колено за време на протестите, со што ја посрамотил униформата.
На прашањето за коментар на изјавата на Катанзара, градоначалничката на Чикаго, Лори Лејтфоут, рече дека нема да го удостои тоа со коментар.
„Јас навистина не мислам дека треба да им придаваме важност на таквите несреќни коментари и нема да одам да удостојам со понатамошен одговор“, рече таа.
Полицајците од Чикаго што ќе бидат исклучени од синдикатот сепак ќе може да останат на работа, но нема да им бидат загарантирани придобивките од договорите што се преговараат помеѓу градот и синдикатот.
Катанзара, кој во 2017 година беше критикуван за објавување фотографија во униформа на „Фејсбук“ со знак за поддршка на претседателот Доналд Трамп и за правото на вооружување, рече дека полицајците што сега им клекнуваат на демонстрантите ја прават истата работа – само на другиот крај на политичкиот спектар.
„Тоа е политички став“, рече тој пред станицата. „Сакам да видам што се случува на ниво на одделот. Нема да претпоставувам ништо бидејќи градоначалничката поддржува ваков вид работи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лукашенко: „Орешник“ пристигна во Белорусија, подготвен е за напад
Белорускиот претседател Александар Лукашенко објави дека рускиот ракетен систем „Орешник“ пристигнал во Белорусија и веќе е ставен во борбена готовност. „Тој е тука од вчера и е ставен на борбена должност“, рече Лукашенко во својот говор, како што објави белоруската државна новинска агенција БелТА.
Објавата доаѓа само еден ден откако лидерот на Кремљ, Владимир Путин, изјави дека балистичкиот ракетен систем „Орешник“ ќе биде ставен на борбена должност до крајот на 2025 година.
Во говорот на 21 ноември, Путин индиректно ги потврди извештаите дека Русија користела ракета со среден дострел „Орешник“ за време на нападот врз градот Днепар истиот ден. САД подоцна официјално потврдија дека Русија го нападнала Днепар утрото на 21 ноември со балистичка ракета изведена од интерконтинентална балистичка ракета РС-26 Рубеж.
Украинските воздухопловни сили претходно објавија дека Русија користела интерконтинентална балистичка ракета за време на нападот, а извори на Украинска правда рекоа дека можеби станува збор за ракета „Рубеж“, потенцијален носач на нуклеарни боеви глави. На 22 ноември, Одбранбената разузнавачка служба на Украина (ДИУ) соопшти дека Русија лансирала балистичка ракета, веројатно од системот Кедр.
Кон крајот на ноември, Путин го објави почетокот на масовното производство на системот „Орешник“ и рече дека може да се користи за удар врз „центрите за донесување одлуки во Киев“.
Свет
„Драги нелегални имигранти, вратете се дома за празниците!“, порача американско министерство
Министерството за внатрешна безбедност на САД објави графика слична на божиќна честитка на X, повикувајќи на депортација на луѓе кои се во САД без регуларен статус.
„Драги нелегални имигранти, вратете се дома за празниците!“, пишува во статусот, со линк до официјалната веб-страница на Царинската и гранична заштита на САД.
Dear Illegal Aliens, fly home for the holidays! https://t.co/YGo3uuNvrE pic.twitter.com/quvV8gzla3
— Homeland Security (@DHSgov) December 18, 2025
Графиката прикажува воен транспортен авион на писта со новогодишни детали. „Сезона е на масовни депортации“, пишува на графиката.
Соопштението е дел од поширока комуникациска кампања на Министерството за внатрешна безбедност за промовирање построги имиграциски политики и охрабрување на луѓето во Соединетите Држави без регуларен статус доброволно да ја напуштат земјата.
Свет
Герасимов им се заканува на САД: Следат контрамерки
Русија ќе преземе контрамерки доколку САД одлучат да продолжат со нуклеарните тестови, предупреди висок руски воен командант. Изјавата на Валериј Герасимов доаѓа во време на зголемени тензии и неизвесност околу иднината на контролата на оружјето, со истекување на клучниот договор Нов СТАРТ на почетокот на следната година, објави руската државна новинска агенција Интерфакс.
Герасимов нагласи дека Вашингтон сè уште не одговорил на руските предлози за продолжување или замена на Нов СТАРТ – договор дизајниран да ги ограничи стратешките нуклеарни арсенали на двете сили. Сегашниот договор истекува на 5 февруари 2026 година, оставајќи малку време за преговори.
„Доколку американската страна продолжи со овие тестови, ќе следат соодветни контрамерки“, рече Герасимов, јасно ставајќи до знаење дека Москва е подготвена да одговори на какви било потези на Вашингтон што ги смета за закана.

