Свет
(Видео) Полицијата во САД застрела тинејџер со аутизам: морале да му ја ампутираат ногата
Тинејџер се бори за живот откако полицијата го застрелала 9 пати во неговиот двор, јавува NBC. Виктор Перез беше ранет пред три дена во својот дом во Покатело, Ајдахо, набргу откако пристигнала полицијата.
Видеото од мобилен телефон го прикажува моментот кога полицајците девет пати застрелаа 17-годишник со психички и физички предизвик, оставајќи го да се бори за живот додека неговото семејство бара одговори. Виктор Перез е ранет пред својата куќа во Покатело, Ајдахо, неколку секунди по доаѓањето на полицијата. Неговото семејство изјави за локалните медиуми дека Виктор во тој момент минувал низ психичка криза и дека имал нож во рацете.
Полицијата сè уште официјално не го идентификувала Виктор Перез, освен што ја потврдила неговата возраст, но неговото семејство го потврдило неговиот идентитет за локалните медиуми. Семејството рече дека Виктор има церебрална парализа, што му го отежнува одењето и дека многу малку зборува англиски.
Телевизијата КИФИ објави дека неговото семејство било информирано дека левата нога му била ампутирана за време на една од трите операции во болницата по пукањето. Виктор е во критична состојба.
На видеото на сведок објавено на Фејсбук се гледа лице кое лежи на тревникот и држи нож во раката. Жената од видеото се обидува да го смири. „Не, не“, вели таа и се обидува да го задржи или да му го одземе ножот. Пристигнува полицијата, а четворица полицајци со пиштоли му викаат на Виктор да го фрли ножот.
Виктор се обидува да стане и оди кон полицијата, која почнува да пука. После тоа се слушаат преплашени крици од членовите на семејството. „Тој има мозок на мало дете. Тој е инвалид. Едвај оди. Луѓето овде можат да ви го потврдат тоа”, изјавила за КИФИ тетката на Перез, Ана Васкез.
Таа додаде дека Виктор иако понекогаш се нервира, знае да се смири. „Секогаш успеваме да го задржиме“, рече таа. Полицијата во соопштение наведува дека била повикана поради пријавена физичка пресметка во која учествувале двајца мажи и една жена, а еден од мажите било пријавено дека е пијан и имал нож.
На прес-конференција синоќа, началникот на полицијата во Покатело, Роџер Шеи, пуштил снимка од повикот до полиција и покажал фотографија од ножот што го држел Виктор. На снимката се слуша јавувачот како вели дека еден човек удира друг со стап.
Шеи рече дека не може да одговори на прашањата на новинарите поради тековната истрага. Пукањето го истражува Работната група за критични инциденти во Источен Ајдахо, со полиција во Покатело.
Шефот на полицијата Роџер Шеи рече дека полицајците постојано му наредувала на Виктор Перез да го фрли ножот. „Тој не го стори тоа, наместо тоа, стана и тргна кон полицајците додека го држеше оружјето“, рече Шеи. „Во тој момент полицијата отвори оган и застана кога тој падна“, додаде тој.
Бранејќи ги постапките на своите службеници, Шеи додаде дека во овие ситуации полицајците треба да донесат одлуки за неколку секунди. Тие ја оценуваат заканата не само за себе, туку и за сите присутни во близина.
„Во овој случај, две лица беа на само неколку метри од вооружен маж кој не ги послуша наредбите. Заканата беше непосредна, а ситуацијата брзо се развиваше“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

