Европа
Полската влада со намера да се повлече од Истанбулската конвенција против насилството врз жените

Полска следната недела ќе преземе чекори кои водат до повлекување од европскиот договор за борба против насилството врз жените за кој десничарската влада смета дека ги крши родителските права, рече денеска министерот за правда Збигњев Зиобро.
На прес-конференцијата, Зиобро најави дека неговото министерство во понеделник ќе поднесе барање до Министерството за труд и семејство за да започне процесот за повлекување од договорот, познат и како Истанбулска конвенција.
„Овој договор содржи елементи со идеолошка природа што ги сметаме за штетни“, рече министерот.
Владејачката полска партија Право и правда (ПиС) и нејзините коалициони партнери се тесно усогласени со ставовите на Католичката црква во земјата, промовирајќи конзервативна социјална агенда. Идеите против правата на геј заедницата беа една од главните теми што ги промовираше претседателот Анджеј Дуда за време на успешната кампања за реизбор во текот на месецов.
Во петокот илјадници луѓе, претежно жени, протестираа на улиците на Варшава и другите полски градови, во знак на незадоволство поради предлогот за повлекување од договорот.
„Нивната цел е да го легализираат семејното насилство“, рече Магдалена Лемпарт, еднa од организаторите на протестите во Варшава. Некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „ПиС е пекол за жените“.
ПиС долго време се жалеше на Истанбулската конвенција, која Полска ја ратификуваше за време на претходната центристичка влада во 2015 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин се сретна со Додик

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со Милорад Додик на маргините на 22-от годишен форум на Меѓународниот дебатен клуб Валдај во Сочи. За време на состанокот, Путин ја опиша ситуацијата во Република Српска како сложена.
„Многу ми е драго што повторно се сретнав со вас, овој пат во Дебатниот клуб Валдај во Сочи. Неодамна, на 15 септември, го прославивте Денот на српското единство. Би сакал да ви честитам. Знам дека ситуацијата во вашата земја е исклучително тешка. Дури може да се каже дека е сложена“, рече Путин, додавајќи дека сака да ја чуе оценката на Додик.
Во исто време, рускиот лидер нагласи дека неговиот соговорник прави многу за градењето односи со Русија. Пред оваа средба, Путин зборуваше на форумот на дебатниот клуб, а Додик беше почесен гостин.
Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност од страна на Судот на Босна и Херцеговина, по што Централната изборна комисија му го одзеде мандатот како претседател на РС. Предвремените избори за негов наследник ќе се одржат на 23 ноември.
Европа
Прекинат воздушниот сообраќај на аеродромот во Минхен, забележани се дронови

Воздушниот сообраќај беше прекинат преку ноќ на аеродромот во Минхен поради прелет на дрон, чие потекло се истражува, изјави портпарол на германската полиција за АФП, откако неколку европски земји пријавија воздушни упади што ѝ се припишуваат на Русија.
Според соопштението на аеродромските власти, 17 летови што требало да тргнат од Минхен беа откажани таа вечер, што влијаеше на речиси 3.000 патници. Сè уште не е познато кога летовите ќе бидат обновени.
Петнаесет летови што требаше да слетаат во Минхен беа пренасочени и кон Штутгарт, Нирнберг, Виена или Франкфурт.
Во четврток околу 21:30 часот, неколку лица забележаа дронови во близина на аеродромот, потврди портпаролот на полицијата.
Баварските власти започнаа истрага за да ги идентификуваат дроновите и нивното потекло.
Потоа дроновите повторно беа забележани, овој пат над аеродромската област, што доведе до затворање на обете писти околу 20:30 часот.
И покрај интервенцијата на полициските хеликоптери, „нема достапни информации за видот и бројот на дроновите“ или нивното потекло, изјави портпаролот.
Инцидентот се случил пред последниот викенд од Октоберфест, кој привлекува стотици илјади луѓе во Минхен секој ден.
Фестивалот на пивото во баварскиот град беше затворен половина ден во среда поради закана со бомба.
фото: принтскрин
Европа
Полицијата го идентификуваше напаѓачот во Манчестер: уште тројца уапсени

Полицијата за борба против тероризмот потврди дека напаѓачот во утринскиот напад врз синагогата во Манчестер е 35-годишниот Џихад ал Шами, британски државјанин од сириско потекло.
„Врз основа на она што го знаеме во моментов, нашите евиденции не укажуваат на какви било претходни антитерористички истраги во врска со ова лице“, соопшти полицијата.
Тие додадоа дека три лица – двајца мажи на возраст од 30 години и една жена на возраст од 60 години – се уапсени и се приведени под сомнение за извршување, подготовка и поттикнување терористички акти.
Двајца мртви на местото на настанот, тројца тешко повредени
Полицијата потврди дека двајца мажи се прогласени за мртви на местото на нападот, додека тројца други мажи се во болница со сериозни повреди. Еден од нив претрпел убодна рана, друг бил удрен од автомобил вклучен во нападот, а трет подоцна сам отишол во болница со повреда за која се сомнева дека ја здобил додека полицијата го запирала напаѓачот.