Свет
Полска го презеде претседавањето со ЕУ
На првиот ден од новата година Полска од унгарски раце го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, чиј фокус ќе биде безбедноста во најширока можна смисла.
Под слоганот „Безбедност, Европа!“, Полска ќе претседава со Советот на ЕУ во следните шест месеци, во текот на кои ќе ги поддржува активностите за зајакнување на европската безбедност во нејзините седум димензии: надворешна, внатрешна, информативна, економска, енергетска, храна и здравје.
„За Европа ова е време на искушенија и одлуки. Европската унија мора да се заштити себеси и своите граѓани и да се грижи за своето непосредно соседство, а на Европејците мора да им даде чувство на сигурност и изгледи за развој“, се вели во програмата на полското претседателство.
Полското претседателство се совпаѓа со првите 100 дена од новата Европска комисија и првите пет месеци од мандатот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Полска посочува дека нејзина задача ќе биде да го зачува единството на ЕУ во односите со САД и смета дека е во добра позиција за оваа улога, имајќи ги предвид добрите билатерални односи со Вашингтон и фактот што, без разлика која партија е на власт, отсекогаш имала јасна трансатлантска ориентација. Меѓу членките на НАТО е една од оние кои најмногу трошат за одбрана.
Во однос на надворешната безбедност, полската влада ја нагласува потребата од зајакнување на европската одбрана, која треба да биде комплементарна на НАТО. Тие вклучуваат повисоки трошоци за одбрана, зајакнување на одбранбената индустрија и решавање на празнините во одбранбените способности.
Внатрешната безбедност вклучува барање нови сеопфатни решенија за прашањето на миграцијата, обезбедување на надворешните граници, намалување на илегалниот влез, поефикасно враќање на илегалните мигранти и одговор на хибридните закани.
Во рамките на информациската безбедност, Унијата и нејзините членки треба да ги препознаат и отстранат дезинформациите и странската манипулација, пренесуваат медиумите во регионот.
Полска најавува дека, како дел од зајакнувањето на економската безбедност, ќе преземе мерки кои ќе придонесат за решавање на предизвиците што ги предизвикуваат брзите технолошки промени, енергијата и зелената транзиција и геополитичките тензии.
За енергетска безбедност, од суштинско значење е да се обезбеди сигурност на снабдувањето со енергија во доволни количини и по пристапни цени. Иако по руската агресија врз Украина, ЕУ го намали увозот на руски гас и нафта за околу две третини, Полска најавува дека ќе промовира целосно напуштање на увозот на енергија од Русија.
Неопходно е да се зајакне позицијата на земјоделците во синџирот на снабдување и да се обезбеди конкурентно и еластично земјоделство кое обезбедува безбедна храна за своето население, вели полското претседателство, зборувајќи за безбедноста на храната.
Во областа на здравствената безбедност, полското претседателство ќе се фокусира на дигиталната трансформација на здравството и потребата да се подобри безбедноста на снабдувањето со лекови во ЕУ, особено од перспектива на пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

