Свет
Полскиот вицепремиер ги повика граѓаните да ги бранат црквите од демонстрантите кои се залагаат за абортус
Полскиот вицепремиер задолжен за национална безбедност ги повика своите сонародници да ги „бранат црквите“ од вандализам и од демонстрации за абортус.
Како што пренесе агенцијата „Франс прес“, „католичките цркви станаа ново бојно поле во борбата за правата на абортусот во Полска“ по одлуката на Високиот суд за заштита на неродените деца со попреченост, како што е Дауновиот синдром, од абортус.
Министерот за безбедност, Јарослав Качински, од владејачката партија во Полска, Закон и правда (ПиС), рече дека протестите против црквите, кои вклучуваат вандализам, малтретирање на католички свештеници и прекинати миси, се обид за уништување на Полска.
И папата Фрациско се осврна на прашањето во средата, охрабрувајќи ги Полјаците кои се против абортусот да стојат цврсто во одбраната на животот и спротивставувањето на абортусот. Папата повеќепати го осуди абортусот, споредувајќи го со ангажирање платен убиец да извади дете, а минатата недела рече дека сонува за иднина во Европа каде што абортусот повеќе не е легален.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги осуди протестите против црквите како варварство, а претседателот Анджеј Дуда ги нарече навреда за верските чувства.
Познањскиот архиепископ Станислав Гадецки, претседател на полската Бискупска конференција, рече дека Црквата не може да престане да го брани животот, ниту, пак, може да пропушти да нагласи дека секое човечко суштество мора да биде заштитено, од зачнувањето до природната смрт.
„Црквата по ова прашање, како што честопати вели папата Француско, не може да прави компромис затоа што ќе биде виновна за културата на отфрлање што е толку распространета денес, а секогаш ги погодува најсиромашните и најранливите“, рече архиепископот, барајќи од верниците да се молат за неродените деца, за родителите што чекаат деца и за преобратување на оние кои користат насилство.
Минатата недела демонстрантите ги прекинаа католичките миси низ Полска во знак на протест против одлуката на судот. Во Познан, Варшава, Вроцлав, Краков и други градови демонстрантите упаднаа во црквите додека се одржуваа службите, соочувајќи се со свештениците со непристојност и чкртајќи по ѕидовите пароли и телефонски броеви на клиники што вршат абортус.
Понатамошни протести се очекуваат подоцна денеска, како и за време на викендот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас: Израел ги враќа преговорите на почеток со измени на предлогот за прекин на огнот
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека Израел практично го отфрлил предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, откако на посредниците во преговорите им доставил амандмани на предлогот, со што преговорите се вратиле на самиот почеток.
Хамас соопшти дека ќе одржи консултации со палестинските фракции за да ја разгледа преговарачката стратегија, објави Ројтерс.
Индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците се чини дека се заглавени без очигледен напредок, бидејќи Хамас рече дека нема намера да се откаже од предлогот веќе отфрлен од Израел.
Свет
Најмалку 60 лица се повредени во судир на воз и локомотива во Буенос Аирес
Најмалку 60 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Пожарникарите, полицијата и брзата помош се на терен и помагаат да се префрлат повредените патници во болниците, објави Ројтерс.
Во судирот првиот вагон од патничкиот воз излета од шините и беше оштетен.
Свет
Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите во Авганистан
Најмалку 50 лица загинаа во Авганистан во поплави по обилните дождови во северната провинција Баглан, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Абдул Матен Кание.
Тој посочи дека бројот на жртви може да се зголеми, пренесе Ројтерс.
Кание рече дека има поплави во повеќе од пет области во Баглан по обилните дождови и на некои домаќинства им е потребна итна помош.
Тој додаде дека за вечерва се предвидуваат две силни невремиња.
„Министерството за внатрешни работи испрати екипи и хеликоптери во областа, но поради недостиг на светла за ноќно гледање во хеликоптерите, операцијата можеби нема да биде успешна“, рече тој.
Најмалку 33 лица загинаа, а 27 се повредени во силните поплави предизвикани од сезонските дождови во средината на април во Авганистан.
Поплави во април го погодија главниот град Кабул и неколку провинции низ земјата.