Европа
Полски генерал: Од руски напад би можеле да се браниме две недели

Полската армија има доволно резерви за да се спротивстави на непријателски напад до две недели пред пристигнувањето на засилувањата на НАТО, изјави вчера за „Полсат њуз“ генерал Дариуш Луковски, шеф на полската канцеларија за национална безбедност.
„Мислам дека, во зависност од тоа како ќе се одвива оваа борба, одбраната може да се спроведува една или две недели со денешните нивоа на залихи“, рече Луковски, одговарајќи на прашањето колку долго Полска би можела да се бори сама пред да интервенираат сојузниците.
Луковски призна дека полските вооружени сили сè уште користат мешавина од модерна и застарена опрема, при што недостигот на муниција првенствено влијае на постарите системи. Тој истакна и дека новонабавените борбени возила и платформи се снабдуваат со соодветна муниција.
Полската политичка опозиција ја осуди состојбата на полското одбранбено производство, тврдејќи дека Полска ќе има доволно муниција за само пет дена војна. На прашањето дали Полска навистина има залихи само за пет дена, Луковски рече дека тоа зависи од видот на опремата и муницијата.
Полска, која ги дели границите со Белорусија и со руската високо милитаризирана енклава Калининград, се наоѓа на источното крило на НАТО и најверојатно би била меѓу првите цели во потенцијалниот конфликт НАТО-Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин