Европа
Полјаците постари од 40 години масовно се пријавуваат за вакцинација

Полјаците масовно се пријавуваат за вакцинација против Ковид-19 откако владата одеднаш дозволи регистрација за лица постари од 40 години, а поради големиот број пријави, дојде до пад на системот.
Повеќе од два милиона Полјаци досега ги примиле двете дози вакцина.
Главниот советник на премиерот задолжен за програмата за вакцинација изјави дека стапките на пријави за стари лица се намалени, па затоа владата одлучила да го прошири пристапот до пријавување за вакцинација.
„Во изминатите два дена беше забавено пријавувањето на лица над 60 години, па затоа решивме да овозможиме пријавување на луѓе што изразија подготвеност да го сторат тоа во јануари“, изјави Михал Дворчик за приватното радио РМФ ФМ .
Тој додаде дека на луѓето помеѓу 40 и 60 години, кои изразија подготвеност да се вакцинираат, преку ноќ им е испратена препорака да се пријават за вакцина.
Пратениците од опозицијата го критикуваа неочекуваниот потег на владата.
„Почитувано Министерство, ваквите промени треба да бидат објавени во моментот на донесување! Луѓето не треба да дознаат за тоа од вашиот одговор на мојот ‘Твитер’“, објави на „Твитер“ левичарскиот пратеник Адријан Зандберг.
Поради навалица врз системот, тој падна, а Дворчик на прес-конференција рече дека регистрацијата на лица на возраст меѓу 40 и 59 години ќе биде привремено прекината на неколку часа за да се отстрани техничката пречка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Девет загинати во руските напади врз Украина ноќеска, меѓу нив и деца

Најмалку девет лица, меѓу кои и три деца, се убиени во последните 24 часа во зголемените руски напади низ Украина, потврдија украинските власти, објави Си-ен-ен.
Во Харков, вториот по големина град во Украина, пет лица беа убиени, а најмалку 20 други беа повредени откако беше погодена станбена зграда. Нападот предизвика пожар и зградата се урна, изјави Олех Синиехубов, началник на регионалната воена администрација.
Синиехубов објави на Телеграм дека меѓу жртвите се девојче од година ипол и 16-годишно момче. Пет лица сè уште се бараат.
Реагирајќи на нападот во Харков, украинската премиерка Јулија Свириденко рече: „Русите само продолжуваат да вршат масовни убиства“.
„Оваа војна никогаш не беше предизвикана; таа продолжува само затоа што на Москва ѝ е дозволено да продолжи“, рече таа на социјалната мрежа Икс.
Петнаесетгодишно момче беше убиено кога бомба ја погоди куќата на неговото семејство во селото Новојаковливка во Запорожје, потврди Иван Федоров, началник на регионалната воена администрација. Братот, сестрата и родителите на момчето беа исто така ранети во нападот. Три лица загинаа и во Донецк, соопшти Вадим Филашкин, началник на регионалната воена администрација таму.
Пожарникарите во Одеса се бореа со голем пожар во енергетска централа по „масивен“ напад со беспилотни летала, соопшти Државната служба за вонредни ситуации.
Додека американскиот претседател Доналд Трамп се фокусира на постигнување мировен договор, а не на прекин на огнот, украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира дека преговорите не се можни додека Русија продолжува да ја бомбардира неговата земја.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во понеделник ја повика Москва да „го запре убивањето со цел да се унапреди дипломатијата“.
Европа
(Видео) 11 повредени во руски напад врз Украина: „Тие сè уште намерно ги таргетираат цивилите“

Руските сили погодија станбена област во Харков со балистичка ракета, при што беа повредени најмалку 11 лица, соопштија украинските власти доцна синоќа.
Едно 13-годишно девојче е меѓу повредените во Харков, вториот по големина град во Украина, изјави регионалниот гувернер Олех Синехубов преку апликацијата за пораки Телеграм.
Харков, кој се наоѓа во североисточна Украина во близина на границата со Русија, е редовна цел на руски напади со беспилотни летала и ракети од почетокот на војната што Москва ја започна во февруари 2022 година.
🇷🇺🇺🇦
🔻Ataque ruso contra Kharkiv🔻Russian attack against Kharkiv pic.twitter.com/kkcQw67PQY
— Ares, Information Service (@Aresinfoservice) August 18, 2025
„Ударниот бран ги скрши прозорците во блиските станбени згради“, објави државната служба за вонредни состојби на Украина на Телеграм, додавајќи дека некои жители морале да бидат евакуирани.
Одделно, регионалните власти соопштија дека 57-годишна жена е повредена во руски воздушен напад врз североисточниот регион Суми, во кој исто така се оштетени најмалку десетина станбени згради и една образовна институција.
„Непријателот продолжува намерно да ја таргетира цивилната инфраструктура во регионот Суми, подмолно, ноќе“, рече гувернерот Олех Хрихоров на Телеграм. Ројтерс не беше во можност независно да потврди какво оружје користела Русија во нападите. Двете страни негираат дека таргетирале цивили во нивните напади, но илјадници луѓе се убиени, од кои огромното мнозинство се Украинци, соопшти агенцијата.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Украина разнесе руски брод што превезувал иранско оружје

Украинските специјални сили извршија напад врз руското пристаниште Оља во регионот Астрахан погодувајќи брод што превезувал делови од беспилотните летала „Шахед“ и иранска муниција. Се сомнева дека украинските беспилотни летала истовремено нападнале рафинерија за нафта во регионот Самара, објавува „Киев пост“.
Според соопштението од Генералштабот, нападот е извршен во четвртокот во соработка со Силите за специјални операции и други единици на одбранбените сили со цел да се намали способноста на Русија да спроведува воздушни напади.
Пристаништето Оља е еден од клучните логистички центри за увоз на воена опрема од Иран. Бродот „Порт Оља 4“, кој наводно превезувал делови за беспилотни летала и муниција, бил погоден. Процената на штетите е сè уште во тек.
Рано утрово беспилотни летала од Краснодар нападнаа рафинерија во градот Сизран во регионот Самара. Мештаните пријавија до 10 експлозии од 4 часот наутро, а снимки и фотографии од пожар во објектот се појавија на „Телеграм“. Руските власти сè уште не ја потврдија штетата.
Украина официјално не коментира до моментот на објавување.
Руското Министерство за одбрана тврди дека неговата воздушна одбрана соборила 53 украински беспилотни летала преку ноќ.
фото: принтскрин