Свет
Помпео: Безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан остануваат клучни цели на САД

Храбрите лидери на Србија и Косово не само што им носат економски раст и работни места на граѓаните, туку и дефинираат нов тон на помирување на патот кон напредокот на Западен Балкан, изјави американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
„ САД упатуваа пофалби за претседателот на Србија (Александар) Вучиќ и премиерот на Косово (Авдулах) Хоти за историските договори постигнати во Белата куќа со широк спектар на прашања за нормализирање на економските односи“, наведе Помпео во писмена изјава по бчерашното потпишување договор меѓу Србија и Косово.
Тој додаде дека САД уште еднаш ја потврдуваат поддршката за тековните преговори меѓу Косово и Србија кон сеопфатно нормализирање на односите.
„ Безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан остануваат клучни цели на САД. Со поддршка на претседателот (САД, Доналд) Трамп, премиерот Хоти и претседателот Вучиќ направија големи чекори кон таа заедничка визија”, додаде Помпео.
Претходно Трамп ја поздрави „храброста на Вучиќ и Хоти“ и оцени дека договорот „ги прави нивните држави, Балканот и светот побезбедни“.
Вучиќ и Хоти вчера во Вашингтон во присуство на Трамп потпишаа договор наречен „Економска нормализација“, што има две верзии со разлика во последната точка, додека остатокот од текстот е идентичен, јави Бета.
Договорот предвидува заеднички инфраструктурни проекти, пристапување на Косово во мини-Шенген, спроведување студија за можноста за поделба на енергетските ресурси на езерото Газивода и диверзификација на снабдувањето со енергија на двете страни.
Приштина вети дека нема да бара членство во меѓународни организации следната година, а Белград вети дека нема да лобира за повлекување на независноста на Косово.
Со договорот, Србија се обврза да ја пренесе амбасадата од Тел Авив во Ерусалим до 1 јули 2021 година, а Косово на заемно признавање со Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Зеленски објави видео од нападите врз Украина: „Војната мора да заврши. И Москва мора да го чуе зборот: „Стоп“.“

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, остро реагираше на ноќните руски напади низ Украина, велејќи дека тие јасно ги демонстрираат намерите и пристапот на Москва кон војната.
Во своето обраќање, Зеленски рече дека руските сили ги таргетирале станбените згради и клучната цивилна инфраструктура во неколку региони.
„Дури и во овој момент, Русите ги напаѓаат Харков, Запорожје, Сумскиот регион и Одеса, уништувајќи станбени згради и нашата цивилна инфраструктура. Русите намерно убиваат луѓе, особено деца. Досега, седум лица се убиени во напад со беспилотно летало во Харков, најмладото е девојче на возраст од само една и пол година, а десетици се повредени, вклучувајќи деца“, рече Зеленски.
„Во Запорожје, ракетните напади повредија 20 лица, а убија три. Мое сочувство до семејствата и најблиските на сите жртви.“
Тој особено го истакна нападот врз енергетскиот објект во Одеса, подвлекувајќи ги неговите пошироки импликации. „Исто така, имаше намерен руски напад врз енергетски објект во Одеса, во сопственост на азербејџанска компанија, што имплицира дека тоа бил напад не само врз нас, туку и врз нашите односи и енергетска безбедност“, објасни тој.
Пред состанокот во Вашингтон, Зеленски ги поврза нападите со денешниот важен дипломатски состанок во Вашингтон, чија главна тема е токму завршувањето на војната.
„Тие се свесни дека денес во Вашингтон се одржува состанок на кој ќе се разговара за завршувањето на војната. Ќе разговараме со претседателот Трамп за клучните прашања. Покрај Украина, во разговорот ќе учествуваат и лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Финска, Европската Унија и НАТО. Сите бараат достоинствен мир и вистинска безбедност“, рече украинскиот претседател.
Тој предупреди дека „руската воена машина продолжува да уништува животи и покрај сè“ и дека „Путин ќе изврши демонстративни убиства за да го одржи притисокот врз Украина и Европа, како и да ги понижи дипломатските напори“.
Затоа тој упати јасен апел за помош и безбедносни гаранции.
„Токму затоа бараме помош за да се спречи убивањето. Затоа се потребни сигурни безбедносни гаранции. Затоа Русија не треба да биде наградена за нејзиното учество во оваа војна“, нагласи Зеленски, завршувајќи со порака упатена директно до Москва:
„Војната мора да заврши. И Москва мора да го чуе зборот: „Стоп“.“
фото: принтскрин
Свет
Трамп: Кина нема да изврши инвазија врз Тајван додека сум јас на власт; Кина: Тоа е наша работа

Тајван е внатрешно прашање на Кина, соопшти денес Министерството за надворешни работи на Кина, како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека кинескиот претседател Кси Џинпинг му рекол дека нема да го нападне островот додека Трамп е на функција.
Трамп ги даде овие забелешки во интервју за „Фокс њуз“ пред разговорите во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина. На прашањето за забелешките на Трамп на дневната прес-конференција во Пекинг, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, рече дека Тајван е неотуѓив дел од територијата на Кина.
„Прашањето за Тајван е чисто внатрешно прашање на Кина. Ќе направиме сè што можеме за да го олесниме мирното обединување. Никогаш нема да дозволиме никому да го одвои Тајван од Кина на кој било начин“, рече таа.
Кина го смета Тајван за своја територија и вети дека ќе се обедини со демократскиот остров, потег на кој владата на Тајван остро се спротивставува. Во својот одговор на изјавата на Трамп, Министерството за надворешни работи на Тајван соопшти дека секогаш внимателно ги следи интеракциите меѓу високите функционери од САД и Кина.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Русите објавија снимка од тенк со американски и руски знамиња како влегува во битка со Украинците

„Русија Тудеј“ објави видео на кое се гледа американски оклопен транспортер M113 во рацете на руската војска.
Според РТ, тенковските екипажи на 70-от моторизиран полк му доставиле на нивниот воен дописник Влади Андрица видео на кое се гледа возило со високо развеани руски и американски знамиња, кое брза кон бојното поле во близина на селото Мала Токмачка.
Според истите извори, станува збор за оклопен транспортер кој бил запленет од украинската армија, потоа поправен и вратен во употреба. РТ тврди дека сега се користи во борбени мисии од страна на руската армија.
Објавувањето на оваа снимка доаѓа веднаш по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска. Главна тема на разговор беше војната во Украина, но не беше постигнат договор за прекин на огнот.
По средбата, Трамп изјави дека средбата била „продуктивна“ и дека очекува преговори меѓу Русија и Украина. Путин изгледаше доста задоволен од средбата со Трамп и зборуваше за постигнатото „разбирање“ и најави можност следната средба да се одржи во Русија.
фото: принтскрин