Свет
Поплава на фудбалски стадион за време на натпревар во Мароко, седуммина загинати
Седум лица, меѓу кои и тинејџер, загинаа во поплавите додека гледаа фудбалски натпревар на локалните клубови во село во јужниот дел на Мароко.
Мароканската новинска агенција МАП објави дека сè се случило на стадион во областа Тарадант, на околу 600 километри јужно од главниот град Рабат.
Меѓу загинатите е и 17-годишно момче, а еден постар човек е повреден, пренесува АП.
Поради ненадејната поплава, луѓето се качувале на покривите во близина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Студент: Го блокиравме автобусот што одеше на собирот на Вучиќ, не растераа 60 полицајци
Студентите, кои повеќе од два месеци блокираа околу 60 факултети во Србија поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад, ги повикаа српските граѓани денеска да излезат на генерален штрајк.
Студентот Вељко Вучетиќ изјави дека толпата запрела автобус кој требало да оди на митинг организиран од српскиот претседател Александар Вучиќ и СНС во Јагодина.
„Не го запревме сообраќајот, туку еден автобус, стоевме таму 45 минути, дојде бригада со 60 полицајци и не растера под изговор дека го блокираат сообраќајот“, изјави студентот за Н1 Србија.
Тој додаде дека остануваат во Автокоманда „додека повторно не бидат растерани“.
„Ние стоиме овде без намера да си заминеме. Можам да им се заблагодарам на сите луѓе, студенти, граѓани, што го почитуваа генералниот штрајк, стојат покрај сите нас и постојано не поддржуваат“, кажа студентот.
Европа
Путин: Најдобро би било јас и Трамп да се сретнеме
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека тој и Доналд Трамп треба да се сретнат за да разговараат за војната во Украина и цените на енергијата, прашања што американскиот претседател ги истакна во првите пет дена од неговата нова администрација.
Путин, сепак, рече дека не може да има сериозни мировни преговори со Украина, освен ако Западот не се потпре на претседателот Володимир Зеленски за да го поништи декретот од 2022 година со кој се забрануваат преговори со рускиот лидер.
Путин го опиша Трамп, кој оваа недела и се закани на Русија со нови санкции и царини доколку не преговара за крај на војната, како паметен и прагматичен. Тој рече дека не очекува американскиот претседател да носи одлуки за санкции кои би влијаеле на американската економија.
„Затоа, најверојатно ќе биде подобро да се сретнеме, врз основа на денешната реалност, мирно да разговараме за сите оние области важни за САД и за Русија. Ние сме подготвени“, рече тој, додавајќи дека тоа зависи од изборот на американската страна.
Тоа беше најсилниот показател досега од Кремљ дека сака предвремен самит со Трамп по три години практично никаков контакт на високо ниво со западните лидери за војната во Украина.
Свет
Хамас ги објави имињата на четирите заложнички кои ќе бидат ослободени викендов
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека Израел од посредник добил листа на затвореници кои Хамас ќе ги ослободи задутре, а Хамас ги објави и имињата на четирите израелски војници кои се на тој список.
„Ќе ослободиме четири израелски војници во сабота, на 25 јануари 2025 година“, изјави Абу Обаида, портпарол на бригадите Ал Касам во кусото соопштение.
Тој рече дека ослободени ќе бидат Карина Ариев (20), Даниеле Гилбоа (20), Наама Леви (20) и Лири Албаг (19). Девојките беа заробени на почетокот на октомври 2023 година во базата Нахал Оз во јужен Израел, кога Хамас изврши прекуграничен напад.
Петтата заробеничка Агам Бергер (20) ќе остане во Газа. Задачата на девојките била да набљудуваат сомнителни воени активности.
Четирите заложнички треба да бидат ослободени утре доцна попладне. Тие ќе бидат транспортирани од Меѓународниот комитет на Црвениот крст до еден од трите гранични премини, по што ќе бидат предадени на израелските одбранбени сили. По основните лекарски прегледи тие со хеликоптер ќе бидат пренесени во болница.