Свет
Поправки во хангар се можна причина за експлозијата во Бејрут
На состанокот на либанскиот Врховен совет за одбрана беше посочено дека масовната експлозија во пристаништето во Бејрут, што се случи вчеравечер, можеби е резултат на активности за одржување на локацијата бидејќи една врата на пристанишниот хангар, во кој се чуваат експлозивни материјали, не се затворала правилно, пренесува либанскиот радиодифузен сервис ЛБЦИ.
„Речиси 2.750 тони амониумнитрат, кој експлодира во пристаништето во Бејрут, е материјал што беше запленет во 2014 година од товарниот брод ‘Росос’, регистриран во Молдавија, кој пловеше кон Африка и претрпе штети при навигацијата“, изјавија од Советот за одбрана на итниот состанок по експлозијата.
На состанокот претставници на либанската служба за безбедност соопштија дека се случила експлозија додека била заварувана врата. Пред извесно време беше откриено дека вратата на хангарот не се заклучува и има отвор кон ѕидот, што го олеснува влегувањето и излегувањето од хангарот.
„Искра довела до палење на експлозивните материи во хангарот, кои потоа довеле до експлозија на 2.750 тони амониумнитрат, што е еквивалент на 1.800 тони ТНТ“, велат либанските власти.
По трагичниот инцидент, гувернерот на градот рече дека половина од зградите во Бејрут се оштетени, а болниците се преполни поради големиот број повредени лица. Либанската влада прогласи тридневна жалост за жртвите од трагедијата, која почнува денеска.
Во 2014 година, сопственикот на товарниот брод „Росус“ го напуштил бродот во Бејрут, а високоризичниот товар, амониумнитрат, што од пристанишните власти било забрането да се растовари или да се пренесува на друг брод, останал таму. Товарот складиран во бродот потоа бил транспортиран на соодветно место, но на крајот бил преместен во хангарот 12 на пристаништето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.