Свет
Поради глад Авганистанците си ги продаваат децата
Авганистан се соочува со голема хуманитарна криза, а едно бебе било продадено од семејството за 500 долари за да преживее, јавува Би-би-си.
Во прилогот било претставено семејство кое инсистирало на анонимност, откривајќи дека го продале бебето на неименуван маж и дека детето ќе го напушти својот дом кога ќе прооди.
„Посакувам да не морам да го правам тоа, тоа е мојата ќерка“, рекла мајката.
Нејзиниот сопруг собирал секундарни суровини, но сега останал без тој приход.
„Немаме брашно, немаме масло. Мојата ќерка не знае каква ќе биде нејзината иднина. Не знам што ќе мисли за ова еден ден. Но, морав да го сторам тоа”, рече таткото, пренесуваат медиумите во светот.
На семејството, кое има повеќе деца, анализира медиумот кој ја има сторијата, тие пари ќе им бидат доволни за да преживеат неколку месеци.
Човекот кој го купил детето дал повеќе од половина од парите однапред, а на семејството му било кажано дека кога ќе порасне девојчето ќе се омажи за неговиот син, јавува Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

