Свет
Поради ескалација на насилството во Еквадор, вонредната состојба е продолжена за 30 дена
Еквадор ја продолжи вонредната состојба за 30 дена и распореди војници на улиците низ земјата за да се бори против ескалацијата на насилството поврзано со трговијата со дрога, соопшти владата на земјата.
Претседателот Даниел Нобоа, избран во ноември, издаде декрет за продолжување на вонредната состојба прогласена во целата земја на 8 јануари за уште 30 дена.
Претседателот на Еквадор прогласи вонредна состојба на 8 јануари, откако водачот на нарко бандата Адолфо Масијас, познат како Фито, избега од затворот во југозападниот град Гвајакил, каде издржуваше 34-годишна затворска казна.
По бегството на водачите на картелот, во затворите избувнаа немири, кои ескалираа со киднапирање на 200 затворски чувари и полицајци од страна на затворениците, пред безбедносните сили да го воспостават редот. На 9 јануари, претседателот изјави дека земјата е во „внатрешен вооружен конфликт“ и мобилизираше војници на улиците и во затворите да се борат против дваесетина банди, поврзани со мексиканските картели и албанската мафија, кои се сметаат за „терористички“. а во овие акции беа уапсени околу 7.500 лица.
Според Уставниот суд на Еквадор, прогласувањето на „внатрешен вооружен конфликт“ може да трае неодредено време бидејќи не е поврзано со вонредна состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бербок: Ако не го сакаме Путин на нашите граници, мораме да ги здружиме силите за победата на Украина
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на ненајавената посета на Киев изјави дека е потребна поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на земјата како резултат на руската офанзива.
„Сега мораме да ги здружиме сите наши сили за да може Украина да преживее и трупите на Путин наскоро да не се најдат на нашите граници“, апелираше Бербок до меѓународните партнерски земји.
Глобалната иницијатива за поголема воздушна одбрана, која таа ја започна заедно со министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), собра речиси 1 милијарда евра за да обезбеди дополнителна поддршка на силите за воздушна одбрана на Украина.
Бербок изјави и дека идното членство на Украина во Европската унија е „неопходна геополитичка последица на нелегалната агресивна војна на Русија, која го прекршува меѓународното право“. Министерката планираше да го посети Харков денеска, но патувањето беше откажано поради безбедносни причини, пишува АП повикувајќи се на агенцијата dpa.
Свет
Франција го поддржува Хаг во повикот за налог за апсење на Нетанјаху
Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд и неговата „борба против неказнивоста“, во врска за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас.
„Франција го поддржува Меѓународниот кривичен суд, неговата независност и борбата против неказнивоста во сите ситуации“, се вели во соопштението објавено во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Додадена е осуда на „антисемитските масакри“ од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври, како и можните прекршувања на меѓународното право од страна на израелската армија во Газа.
„Што се однесува до Израел, Советот за претходна постапка ќе одлучи дали ќе ги издаде тие налози, откако ќе ги испита доказите доставени од обвинителот“, се вели во соопштението.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во понеделникот побара издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Побарани се и налози за апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.
Кабинетот на претседателот на Јужна Африка ја поздрави најавата на обвинителот на МКС дека ќе бара налози за апсење на израелскиот премиер, министерот за одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
„Законот мора да се применува подеднакво за сите со цел да се поддржи меѓународното владеење на правото и да се повикаат на одговорност оние кои вршат грозоморни злосторства и ги штитат правата на жртвите“, се вели во соопштението од кабинетот на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, пренесе Ројтерс.
Свет
Зеленски ја критикуваше бавната испорака на западно оружје
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, повторно ја нагласи итната потреба на неговата земја од оружје за противвоздушна одбрана. На Украина итно и требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана и западни борбени авиони, рече Зеленски вчера вечерта во дневното видео обраќање.
„За жал, на слободниот свет му недостасува брзина во овие две прашања“, рече тој, додавајќи дека поради својата воздушна супериорност, Русија е во состојба да ги уништи украинските градови и одбранбените позиции со крстосувачки бомби.
Според Зеленски, Русите активно користеле деструктивна тактика на фронтот кај Харков и во источниот украински регион Доњецк.
Зеленски веќе неколку пати во последните денови побара испорака на два дополнителни системи за противвоздушна одбрана Патриот. Тој рече дека тоа ќе обезбеди подобра заштита за Харков, кој постојано бил напаѓан од воздух. Тој град на североистокот на Украина е еден од најтешко погодените од војната.
Борбените летала што ги споменува Зеленски и беа ветени на Украина пред една година. Сепак, според официјалните информации, Ф-16 се уште не се пристигнати. Експертите проценуваат дека генерално долгото време на испорака на оружје од Запад и овозможува на Русија да се подготви за ново оружје.
Во руските напади врз североисточниот украински град Харков во текот на ноќта повредени се најмалку седум лица, изјави гувернерот на регионот. Во текот на ноќта беа погодени и други украински региони со руски беспилотни летала, вклучувајќи ги Одеса, Миколаив и Днепропетровск.
Пред речиси две недели Москва ја интензивираше воздушната и копнената кампања во областа Харков, која граничи со Русија. Руските сили оттогаш зазедоа неколку украински погранични села. Според набљудувачите, офанзивата е забавена во последните денови, но не запре.