Свет
Поради недостиг од кислород починале сите пациенти во болничко крило во Бразил
Гувернерот на најголемата бразилска сојузна држава Амазон, Вилсон Лима, прогласи полициски час поради извештаите за голем пораст на бројот на смртни случаи поврзани со коронавирусот.
Тој исто така изјави дека цело болничко крило со пациенти починало откако тие останале без кислород за дишење, пренесува „Гардијан“.
Гувернерот Лима прогласи полициски час од 19 до 6 часот наутро.
Манаус, најголемиот град во државата Амазон, беше едно од местата најмногу погодени од првиот бран на епидемијата во април минатата година, каде што властите биле принудени да копаат масовни гробници за мртвите, тврди британскиот весник.
„Ние сме во состојба на екстремна катастрофа… како земја која изгубила во војна“, рече тогаш Лима.
Според „Гардијан“, на 22 декември имало 39 погреби во целиот град Манаус, додека во средата е соборен нов рекорд четврти ден по ред, со 198 погреби.
Во саботата имало 130 погреби, 144 во неделата, 150 во понеделник и 166 во вторник, додава лондонскиот весник.
„Овие бројки покажуваат кристално јасно дека сме сведоци на експлозија на смртност од Ковид-19, што е дури и поголема од онаа од првиот бран“, рече Лима.
Извештаите во бразилските медиуми од четвртокот велат дека неколку јавни болници останале целосно без кислород.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

