Свет
Поранешен американски маринец осуден на 16 години затвор во Русија за шпионажа
Руски суд осуди Американец на 16 години затвор поради обвиненија за шпионажа, казна што тој ја отфрли како политички мотивирана, пренесува ТАСС.
Градскиот суд во Москва денеска ја прочита пресудата на поранешниот американски маринец Пол Велан под обвинение за шпионажа и го осуди на 16 години во затворска колонија со максимална безбедност. Велан е прогласен за виновен според член 276 од рускиот Кривичен законик (шпионажа). Обвинителството претходно побара од судијата да му изрече казна од 18 години.
„Судот донесе одлука да му изрече казна на Велан од 16 години во високобезбедносен поправен дом“, се вели во пресудата.
Строгата казна за Велан веројатно ќе предизвика тензии меѓу Русија и САД. Таа е резултат на тајното судење кое беше критикувано од амбасадорот на САД во Русија, Џон Саливан, како исмејување со правдата. Американската амбасада го осуди судењето на Велан како неправедно, посочувајќи дека не биле обезбедени докази.
Американскиот државјанин Пол Велан, кој исто така има британско, канадско и ирско државјанство, е шеф за глобална безбедност во „Борг Ворнер“, компанија за автомобилски компоненти со седиште во Мичиген.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претходно соопшти дека Велан бил приведен на 28 декември 2018 година во Москва додека бил наводна шпионска мисија. Велан беше уапсен на свадба во еден луксузен хотел во Москва и беше обвинет дека добил државни тајни на флеш-драјв. Тој тврди дека бил наместен од познаник со кого се запознал преку интернет.
Покрената беше кривична истрага против него за обвиненија за шпионажа со можна казна до 20 години. Велан инсистира на својата невиност, велејќи дека е наместен. Тој го смета случајот против него за политички мотивиран. Велан исто така се пожалил на малтретирање додека бил во притвор.
Братот на Велан, Дејвид, изјави за „Гардијан“ дека адвокатите ќе ја обжалат пресудата што и тој ја осуди како политичка, додавајќи дека одлуката на судот само го комплетира последниот дел од овој расипан судски процес.
„Се надевавме дека судот може да покаже одредена независност, но, на крајот, руските судии се политички, а не правни лица. Бараме од американската влада веднаш да преземе чекори за да го врати Пол дома“, се вели во неговата изјава.
Според „Гардијан“, казната за Велан се смета за веројатна претходница за размена на затвореници, како што се случи во една необична тринасочна трампа во која беа вклучени Норвешка и Литванија, во ноември.
Русија лани соопшти дека им кажала на САД дека би биле подготвени да го заменат Велан за пилотот Константин Јарошенко, руски државјанин уапсен во Либерија кој во САД е осуден на 20 години затвор по обвиненија за дрога. Русија тогаш рече дека е рано да се разговара за Велан, бидејќи тој сè уште не беше осуден.
Рускиот адвокат на Велан, Владимир Жеребенков, претходно изјави за „Гардијан“ дека очекувал Кремљ да побара размена за неговиот клиент по пресудата.
„Ако Трамп ослободи еден од нашите, тогаш сигурен сум дека и нашиот ќе ослободи некого. Тоа е висока политика. Сакам да кажам дека нашиот претседател е апсолутно разумен во врска со ова. Путин го гледа сето ова прилично мирно. Зошто да не направиме размена?”, рече тој во ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

