Свет
Поранешен еврокомесар под истрага за перење пари

Поранешниот еврокомесар за правда, Дидие Раиндерс, е под истрага на белгиските власти поради сомнение за перење пари, потврди портпаролката на обвинителството во Брисел, Ан Шунјанс.
Истрагата беше покрената во 2023 година по извештаите на Белгиската национална лотарија и Управата за финансиско разузнавање, објави Ројтерс.
Деталите за сумата на пари и периодот на кој се однесуваат апликациите не беа објавени, а Реиндерс не ги коментира изнесените информации, пишуваат светските медиуми.
Реиндерс беше министер за финансии и министер за надворешни работи на Белгија од 1999 до 2019 година, а од 2019 до минатиот месец комесар за правда во Европската комисија.
Портпаролот на ЕУ, Балаз Ужвари изјави дека белгиските власти не контактирале со ЕУ за време на мандатот на Реиндерс.
Тој додаде дека комесарите уживаат ограничен имунитет за службени активности, а сите досегашни членови на Комисијата одлучуваат за евентуално укинување на тој имунитет, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руте го предупреди Путин: Ако Русија ја нападне Полска, одговорот на НАТО ќе биде поразителен

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска во Варшава предупреди дека секој што би замислил да ја нападне Полска треба двапати да размисли, бидејќи НАТО ќе одговори со полна сила, а реакцијата ќе биде поразителна.
„Ако некој направи погрешна пресметка мислејќи дека може да ја нападне Полска без последици, нашиот сојуз ќе одговори. Реакцијата ќе биде поразителна. Тоа мора да му биде јасно на господинот Владимир Владимирович Путин или на секој кој би сакал да не нападне“, рече Руте на прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск.
„Сите треба да го следиме примерот на Полска и да ги зголемиме нашите трошоци и да преземеме чекори. САД истакнаа дека се решени да го задржат НАТО како силен сојуз, а за ова зборуваше и Доналд Трамп. Европа мора да ги зголеми своите трошоци“, рече Руте.
Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Полска мора да биде подготвена за различни сценарија, вклучувајќи ги и оние што не и се допаѓаат.
„Полска и јас лично не мораме воопшто да се оправдуваме кога станува збор за помошта на Украина. На сите им е јасно дека преговорите се водат и нашето влијание врз нив е ограничено, дотолку повеќе што Полска мора да биде подготвена за сценарија кои нема да бидат сто проценти како што ги опишавме“, рече Туск.
Полскиот премиер истакна дека е исклучително важно Полска да знае дека сега кога геополитиката се менува пред наши очи, останува на сила целосната НАТО солидарност, верба, сигурност и гаранции дека и понатаму важи членот 5 од договорот „еден за сите, сите за еден“.
Свет
Поранешен шеф на КГБ: Русија и САД конечно имаат ист непријател

„Русија, Кина и САД се пред создавање на нов геополитички поредок кој доколку Европа не реагира навреме, може да го исфрли континентот од игра“, предупредува поранешниот висок функционер на руските тајни служби Евгениј Савостјанов. Поранешниот шеф на московскиот огранок на КГБ тврди дека Европа мора итно да се разбуди и да ги препознае амбициите на Владимир Путин, во спротивно може да падне во политичка и безбедносна ирелевантност.
Тој, исто така, предупредува дека сегашните разговори меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин може да резултираат со договори кои целосно ќе ја заобиколат Европа и ќе ја остават без влијание врз клучните меѓународни прашања. „Европа мора да преземе одговорност за својата судбина – да ги зајакне одбранбените капацитети и да започне силни информативни кампањи кои ќе ги доближат вистинските закани до граѓаните“, вели Савостјанов.
Говорејќи за италијанскиот „Кориере дела сера“, тој јасно ги предупреди европските лидери: „Денес сте под притисок од две сили – Русија и новата верзија на САД – кои длабоко ги презираат вашите фундаментални вредности“.
„Она што ги обединува е тоа што ве сметаат за заеднички непријател. На некој начин сте опкружени. Се плашам дека кај вас нема вистинска свест за опасноста на која сте изложени – пред се опасноста да станете ирелевантни, а со тоа и да ги изгубите сопствените демократски вредности.
Според него, нов глобален поредок е неизбежен, особено поради одлуката на САД да се повлечат од активна улога во меѓународните односи. „Европа мора да го врати статусот на глобален политички актер ако сака самостојно да ја гарантира сопствената безбедност“, рече тој.
За да може Европа да се спротивстави на овој тренд, Савостјанов смета дека мора силно да застане зад Украина и да започне паневропска кампања која ќе им ја објасни на граѓаните новата глобална реалност.
Европските претставници веќе изразија загриженост дека континентот е на маргините додека САД и Русија одржуваат клучни разговори – вклучително и оние за прекин на огнот. Не гледајќи начин да се постигне мир без американска поддршка, Европејците се принудени да ја следат агендата на Трамп на секој чекор од патот.
Ова е причината зошто многу европски влади почнаа да ги зголемуваат своите буџети за одбрана во последните недели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека „Европа мора итно да се превооружи“.
Савостјанов тврди дека долгорочната амбиција на Путин е да ја врати Русија на глобално влијание кое го немало од распадот на Советскиот Сојуз. „Путин сака да влезе во историјата како „голем колекционер на руски земји“, оној кој го смени падот на империјата што започна во 1867 година со продажбата на Алјаска на САД.
Таа цел, тврди тој, вклучува територијални амбиции кон Одеса, Придњестровје и Кишињев, како и забрана за каква било европска мировна мисија на украинска територија. Според достапните информации, Русија ќе бара целосна контрола врз четирите украински региони кои во моментов делумно ги окупира во преговорите за прекин на огнот.
Савостјанов посочува дека, доколку Европа продолжи по својот сегашен политички пат, Кина ќе преземе доминантна улога во новиот светски поредок. „Во тој случај, Русија ќе стане „примерен заменик“ на Пекинг“, вели тој. „И Европа, свесно или не, ќе се помири со фактот дека е подредена на сојузот меѓу Кина, Русија и нивните сојузници.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи вчера ја отфрли можноста за учество во европската мировна мисија за Украина. Кина сè уште тврди дека останува неутрална во однос на руската инвазија, иако одржува блиски политички, економски и воени односи со Москва.
Свет
Полицијата објави нови детали за мртвото бебе пронајдено пред црква во Лондон

Лондонската полиција објави детали за случајот со бебето чие тело беше пронајдено во торба пред црква во Нотинг Хил, западен Лондон.
Тие објавија дека се работи за момче пронајдено во црна торба.
Полицијата и итната помош биле повикани вчера во 12.46 часот во Нотинг Хил, каде што беше пронајдено тело на бебе пред црква. На местото на настанот е констатирана смрт.
Началникот Овен Реноуден го опиша случајот како шокантен и трагичен и рече дека се крајно загрижени за благосостојбата на мајката.
„Веруваме дека таа неодамна се има породено и знаеме дека веројатно се чувствува многу исплашено и поминува низ исклучително тежок период. Ако сте мајка и го гледате ова денес, ве повикувам да излезете и да побарате помош. Наш приоритет е да ви помогнеме и да ви обезбедиме медицинска нега“, рече Реноуден.
Тој додаде дека таа може да побара помош во секое време, во болница, полициска станица или со јавување на итната помош.
Полицијата ги повика сите со какви било информации да се јават кај нив.