Свет
Поранешен телохранител на Бин Ладен прима социјална помош во Германија

Поранешниот телохранител на Осама бин Ладен, Сами А., со своето семејство веќе со години живее мирно во германски Бохум и прима социјална помош откако германскиот суд одлучил дека не може да го протера во неговиот роден Тунис, пишуваат тамошните медиуми.
Партијата Алтернатива за Германија (АФД) во врска со овој случај поставила повеќе прашања до провинциската влада на Северна Рајна Вестфалија, од каде што објавиле дека Сами А. месечно добива над илјада евра државна помош. На тоа се додаваат и 150 евра за дете и други облици на помош.
Тунижанецот Сами А. од 1997 година живее во Германија и е познат како опасна личност која е под постојан надзор и мора секојдневно да се пријавува во полиција. Во 2012 година германскиот суд одлучил дека Сами А. не може да биде протеран во Тунис бидејќи таму му се заканувале со мачење и нечовечко постапување.
Сами А. во Германија пристигнал на студии, но од 1999 година неколку години минал во џихадистички кампови во Авганистан, каде што напредувал до позицијата телохранител на лидерот на Ал каеда.
Градските власти во Бохум на неколку наврати се обиделе да ја укинат дозволата за престој на Сами А., но секојпат одлуките морало да бидат повлечени поради судската пресуда во полза на државјанинот на Тунис, кој во меѓувреме добил и четири деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Путин сака примирје само за време на неговата парада

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека светот не сака да чека до 8 мај за најавеното примирје на рускиот претседател, Владимир Путин, да трае само неколку дена и повика прекинот на огнот да трае најмалку 30 дена.
„Од некоја причина, сите треба да почекаат до 8 мај и дури тогаш да постигнат прекин на огнот за да се обезбеди мир за Путин за време на парадата“, рече Зеленски во видео обраќање објавено синоќа.
Рускиот претседател Владимир Путин објави тридневно примирје во војната со Украина што ќе стапи на сила следниот месец по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна.
„Ние ги цениме човечките животи, а не парадите. Примирјето не треба да трае неколку дена само за да продолжи убивањето потоа“, додаде украинскиот претседател, коментирајќи ја најавата на Путин за ограничено примирје.
Зеленски повика на „целосен и безусловен прекин на огнот од најмалку 30 дена“ за да се обезбеди „основа за вистинска дипломатија“.
Свет
Победа на либералите во Канада

Канадската Либерална партија, предводена од премиерот Марк Карни, е на добар пат да победи на федералните избори, велат канадските медиуми, по кампањата обележана со провокации и царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Гласовите сè уште се пребројуваат, а филијалите на CNN, CTV и CBC, предвидуваат дека либералите ќе освојат доволно места за да формираат нова влада.
Со оглед на тоа што гласовите сè уште се пребројуваат, CBC News вели дека е прерано да се каже дали новата влада ќе биде мнозинска или малцинска влада – за мнозинска влада се потребни 172 места.
Марк Карни, новиот канадски премиер и лидер на Либералната партија, им се обрати на своите поддржувачи по неговата изборна победа. Енергичен и решителен, тој го започна својот говор прашувајќи: „А кој е подготвен да изгради силна Канада?“, што беше проследено со ентузијастичен аплауз.
„Влегов во политиката затоа што чувствував дека на Канада ѝ се потребни големи промени“, објасни Карни, наведувајќи дека тие промени ќе бидат водени од канадските вредности што ги научил на семејната маса и на хокеарскиот мраз. Тој ги нагласи понизноста, амбицијата и единството како клучни вредности на неговата идна влада.
За Карни, понизноста е соработка со сите политички партии, провинции и домородни народи, но и подготовка за тешки предизвици.
„Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата иднина“, предупреди тој, на што публиката спонтано одговори со извици „никогаш“.
„Претседателот Трамп се обидува да нè скрши за Америка да може да владее над нас. Тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи“, рече тој цврсто, додавајќи дека Канада е на „историска пресвртница“ бидејќи „стариот интеграциски однос со САД е завршен“.
Свет
Шпанија и Португалија повторно имаат струја

Елекетричната енергија е обновена речиси целосно низ Шпанија и Португалија по вчерашниот масовен прекин што предизвика хаос во двете земји.
„Електричната енергија е обновена речиси целосно низ цела Шпанија по големиот прекин, при што околу 99,16 проценти од снабдувањето со електрична енергија е обновено до 6 часот наутро“, соопшти операторот на електричната мрежа „Ред Електрика“ утрово.
И во соседна Португалија, електричната енергија е обновена во повеќето домаќинства. „Околу 95 проценти од 6,5 милиони корисници во земјата се вратија на мрежата“, објави операторот на електричната мрежа РТП.
Официјалната причина за прекинот сè уште не е позната. Милиони луѓе во Шпанија и Португалија останаа во темница откако одеднаш снема струја, комуникациските мрежи беа прекинати, семафорите престанаа да работат, а лифтовите беа блокирани.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, во телевизиско обраќање вчера вечерта, вети дека струјата ќе биде обновена до вторник. Тој не ја прецизираше причината за прекинот, но рече дека не се исклучува ниедна можност.