Свет
Поранешната американска потпретседателка се огласи од Калифорнија: „Камала Д. Харис секогаш се бори за народот“
Поранешната американска потпретседателка Камала Харис, по враќањето во Калифорнија, рече дека најважно за неа е да им даде до знаење на луѓето погодени од пожарите во таа американска држава дека не се сами.
По посетата на противпожарната станица во Алтадена, Калифорнија, таа и нејзиниот сопруг Даг Емхоф поделиле бесплатни оброци во народната кујна, пренесува американски „Политико“.
„Ние сме некои од среќниците, нашиот дом е сè уште таму. Сакавме да излеземе и да ја видиме оваа извонредна заедница и само да им дадеме до знаење на луѓето дека ги гледаме и дека се згрижени“, рече Харис, чиј дом е во задолжителната зона за евакуација од пожари во Палисадес.
Харис не зборуваше за политика, туку повеќе ја истакна важноста на волонтерите.
„Моментите на криза навистина ги изнесуваат хероите меѓу нас“, рече таа пофалувајќи ги пожарникарите и волонтерите, кои ги загубија своите домови, но сè уште работат на помош на својата заедница.
Таа не зборуваше ниту за своите идни планови ниту, пак, одговори на новинарско прашање дали ќе се кандидира за гувернер на Калифорнија.
Веднаш по инаугурацијата, Харис ја ажурира својата официјална веб-страница објавувајќи нова фотографија и натпис „Канцеларија на Камала Д. Харис“.
Веб-страницата вклучува и линк до нејзината нова е-пошта, која гласи: „Контактирајте со поранешниот потпретседател“ и „Камала Д. Харис секогаш се бори за народот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Деветгодишно девојче скокнало од балкон во Германија: мајката и се заканувала со нож
Во Бремен, Германија, вчера попладне, мајка ѝ се заканувала на својата деветгодишна ќерка со нож, повредувајќи ја.
Девојчето од страв побегнало на балконот и се фрлила од првиот кат на зградата, соопшти полицијата. Трагедијата ја спречил сосед кој ја фатил, објавува „Шпигел“.
Според полицискиот извештај, 62-годишен сосед ја гледал ситуацијата од прозорецот и успеал да го фати девојчето додека паѓало. Полицијата потврдила дека девојчето претрпело само полесни повреди. Сè уште не е познато зошто се случила таква ситуација во семејниот стан.
Полициските сили кои излегле на местото на настанот ја уапсиле 38-годишната мајка. Се тврди дека жената имала ментални проблеми и е сместена во клиника на лекување. Девојчето е згрижено и е кај нејзиниот татко.
Свет
Силен земјотрес регистриран во Романија
Земјотрес со магнитуда од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во 18:21 часот во Романија.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот се наоѓал во област со географски координати на географска ширина 45,8336 и географска должина 26,7157.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 120 километри под површината на земјата.
Досега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат ситуацијата.
Свет
Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре
Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, денес во експозе за полската надворешна политика предупреди дека Русија не сака мир, туку капитулација на Украина и дека нема да застане тука.
„Сите сме свесни за опасноста. Ситуацијата е сериозна. Свеста за опасноста може да биде парализирачка. Не можеме да си дозволиме луксуз да останеме парализирани“, им рече Сикорски на членовите на долниот дом на полскиот парламент.
Тој предупреди дека некои сојузници не го исклучуваат сценариото Русија да го нападне НАТО, како што рече, не за две или три години, туку оваа година.
„Кремљ нема да попушти. Ќе тестира понатамошни граници. Путин не сака мир, тој сака само капитулација“, рече Сикорски и потсети дека Европа е веќе цел на руски хибридни напади – сајбер напади, поточно врз Полска од две илјади до три илјади дневно, диверзија и саботажа и масовно ширење дезинформации на Интернет.
„Целта на непријателот е едноставна. Да заплаши, да предизвика раздор, да поттикне разни групи Полјаци едни против други, да ја ослабне довербата во политичарите и владата. Полјаците, од најмладите до најстарите, мора да научат како да се справат со опасностите на Интернет. Патриотска должност е да се биде свесен кој, што и со која цел е објавено“, рече тој.
Сикорски им порача на сите во Полска кои мислат дека помагањето на Украина не вреди, дека треба да разберат дека слободна Украина како дел од Западот е шанса и можност и за нивната татковина.
„Шанса да се скршат забите на рускиот империјализам, да се зајакне заедничката одбрана, за интензивна трговска размена, заеднички проекти во одбранбената индустрија за ангажирање на нашите компании. Војната во Украина не е само за независноста на таа земја, туку и за тоа кој ќе биде трет најсилен играч во светот покрај САД и Кина – Русија или Европа“, рече тој.
Апелираше да се воведе таканаречениот воен Шенген во ЕУ, така што евентуалното доаѓање на сојузниците да помогнат да не трае со недели, туку да биде брзо без правни бариери“.

