Свет
Поранешниот британски премиер Сунак ја повика владата да ги заплени замрзнатите руски средства

Поранешниот британски премиер Риши Сунак денеска ја повика владата и нејзиниот претседател да ги разгледаат сите опции со цел да ги запленат замрзнатите руски средства за посилна поддршка на Украина.
Неговиот повик дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина воената помош за Украина, пишува британски „Сан“.
Сунак истакна дека ваквата одлука на САД уште повеќе ја нагласува потребата Европа да најде значително повеќе средства за помош на Киев.
Во обраќањето во Долниот дом на парламентот, тој посочи дека сега е време да се оди чекор понатаму и да се запленат руските средства.
Сунак ја повика министерката за финансии Рејчел Ривс да преземе координирана акција за да ги земе овие средства и да им ги даде на Украинците да ја бранат и изградат својата земја.
Ривс истакна дека е исклучително комплицирано да се преземе таков чекор за да се усогласи со меѓународното право, но дека владата ги разгледува сите опции бидејќи Русија треба да ја плати штетата што ја предизвикала.
Во исто време, британскиот министер за одбрана Џон Хили треба да ги посети САД подоцна оваа недела за да разговара со неговиот американски колега Пит Хегсет.
Во меѓувреме, шефот на британската дипломатија Дејвид Лами изјави дека имал добар телефонски разговор со американскиот државен секретар Марк Рубио за Украина, како и за прекинот на огнот во Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел: САД не’ контактираа за преговорите со Хамас

Израелските власти потврдија дека САД ги консултирале во врска со директниот контакт меѓу специјалниот американски пратеник за заложничката ситуација во Газа, Адам Болер, и палестинското исламистичко движење Хамас, кое Вашингтон го смета за терористичка организација.
„Во консултации со САД, Израел го изрази својот став за директни разговори со Хамас“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во кусото соопштение, откако Белата куќа ги потврди директните тајни контакти со Хамас.
Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на добро информиран извор, дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп води тајни разговори со Хамас за можноста за ослободување на американските заложници во Газа.
Соединетите Држави до неодамна избегнуваа директни преговори со милитантната група.
Американскиот Стејт департмент го прогласи Хамас како странска терористичка организација во 1997 година.
Свет
(Видео) Новинар ја праша портпаролката на Белата куќа каков е кодексот на облекување во Овалната соба

За време на денешната прес-конференција, новинар ја праша портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, дали американскиот претседател Доналд Трамп инсистира на конкретен кодекс на облекување.
Претходно, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, дојде на минатонеделниот состанок на Овалната соба облечен во црна маица во воен стил со украинскиот грб, кој го носи од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Reporter asks about President Zelensky not wearing a suit in the Oval Office: “Elon Musk never wears a suit in there. What is the dress code?”
.@PressSec Karoline Leavitt: “He wore a suit last night…I think the president liked it very much.” pic.twitter.com/aCnZAugPSC
— CSPAN (@cspan) March 5, 2025
„Некои официјални лица тука беа лути што Зеленски се појави без одело на состанок во Овалната канцеларија минатата недела, но Илон Маск никогаш не носи костум. Па кој е кодексот на облекување?“ ја праша новинарот портпаролката на Белата куќа.
Таа одговори дека Маск носел костум за време на синоќешното обраќање на Трамп во Конгресот.
„И мислам дека на претседателот навистина му се допадна тоа“, рече таа.
Инаку, Маск при неодамнешната посета на Овалната соба носеше фармерки и маица под јакната.
Свет
Министерот на Лесото навреден од Трамп поради коментарот дека никој никогаш не слушнал оти постојат

Министерот за надворешни работи на Лесото, Лејон Мпотјоан денеска изјави дека е шокиран и навреден од изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека никој никогаш не слушнал за оваа африканска земја и го покани да дојде во посета.
Мпотјоан изјави за Ројтерс дека забелешката на Трамп е „прилично навредлива“.
„Навистина сум шокиран што мојата земја може да биде спомната на овој начин од шеф на држава“, рече министерот за надворешни работи на Лесото.
Според него, Лесото е значајна земја во светот.
Мпотјоан рече дека некои граѓански организации финансирани од САД обезбедуваат поддршка за ЛГБТК заедницата во Лесото, и дека Вашингтон, исто така, обезбедува значително финансирање на здравствениот и земјоделскиот сектор во земјата.
Трамп го спомна Лесото во обраќањето пред американскиот Конгрес во вторникот вечерта, додека ги наведе непотребните трошоци во странство што ги елиминирал.
Трамп рече дека САД одвоиле осум милиони долари за промовирање на ЛГБТК заедницата во Лесото, африканска земја „за која никој никогаш не слушнал“.
Неговата забелешка предизвика смеа кај конгресмените.
Лесото е планинска земја со околу два милиони жители и е опкружена со Јужна Африка.
Трамп нареди запирање на американската странска помош во согласност со буџетските кратења и нејзиното усогласување со мотото „Америка на прво место“.