Свет
Поранешниот каталонски лидер, Карлес Пучдемон, ќе основа нова партија
Сменетиот претседател на Каталонија, Карлес Пучдемон, ќе основа нова политичка партија на 27 октомври, на првата годишнина од неуспешното прогласување независност на шпанскиот регион, изјави неговиот портпарол во четвртокот, пренесува „Локал“.
„Главната цел на партијата е да го спроведе мандатот од 1 октомври. Штом оваа цел ќе се постигне, оваа организација нема да има смисла и ќе се распушти“, изјави портпаролот на Пучдемон, Тони Морал, мислејќи притоа на оспорениот референдум за независност што се одржа на тој датум и кој беше искористен за да го оправда обидот за отцепување неколку недели подоцна.
Новата партија, која е поддржана од наследникот на Пучдемон, Ким Тора, тврди дека веќе има 50.000 поддржувачи. Таа има цел да ги обедини сепаратистите во регионот, кои во моментот се поделени во три парламентарни групи. Претходната каталонска администрација предводена од Пучдемон лани го одржа референдумот за независност иако тој беше забранет од судовите, а гласањето беше нарушено со полициско насилство. Мнозинството гласаше за независност, но одѕивот беше мал бидејќи противниците не се појавија за гласање.
Отстранет од функцијата каталонскиот претседател, откако парламентот на Каталонија неуспешно прогласи независност на 27 октомври, Пучдемон и неколку членови на неговата извршна власт неколку дена подоцна побегнаа во Брисел. Тој е баран од Шпанија за бунт, дело што носи до 25 години затвор, и за злоупотреба на јавни средства за неговата улога во притисокот за независност.
Анкетите покажуваат дека приближно 7,5 милиони жители на Каталонија се поделени за прашањето за независност, но голем број поддржуваат правен референдум за решавање на прашањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

