Свет
Портпаролот на ИДФ: Ако не сте со Израел, нешто сериозно не е во ред со вашиот морал
Портпаролот на израелските одбранбени сили рече дека ако луѓето не можат да застанат покрај Израел во неговата војна против Хамас, „нешто сериозно не е во ред со нивниот морал“.
Потполковникот Џонатан Конрикус зборуваше за австралиската телевизија која го праша за дебатата во Сиднеј дали Градското собрание треба да биде осветлено во боите на израелското знаме.
Градоначалничката на Сиднеј, Кловер Мур, рече дека ќе го блокира предлогот за осветлување, што треба да биде поднесен денеска, бидејќи тоа би било во спротивност со „вредностите на инклузивност и хармонија“ на градот.
Конрикус рече: „Сè е многу јасно. Ние не сме агресорите. Ние не ја започнавме оваа војна. Не влеговме во нивните заедници и не им ги одзедовме жените и децата. Сега се браниме. Ако вашиот став не е во склад со тоа, мислам дека нешто не е во ред со вашиот морал“.
Тој додаде дека ја испраќа својата порака до „обичните луѓе, моќниците и избраните функционери“.
Групите за човекови права, хуманитарните агенции и експертите на ОН го критикуваа израелското бомбардирање и блокада на Појасот Газа, што според нив е „колективно казнување“ на палестинските цивили таму.
Кога сино-белите бои на Израел беа проектирани на Сиднејската опера претходно овој месец, пропалестинските групи се собраа околу австралискиот симбол, а некои го гаѓаа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Го замолив Путин да не ја напаѓа Украина една недела, тој се согласи
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил на еднонеделна пауза во ракетните напади врз Украина откако изрази загриженост за екстремно ниските температури што ја погодуваат земјата.
Во разговор со новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека директно го контактирал Путин за да побара привремена пауза во ракетните напади, особено оние што ги таргетираат големите градови.
„Го повикав претседателот Путин“, рече Трамп, истакнувајќи дека и Русија поминува низ силен студен бран, но дека температурите во Украина се значително постудени.
„Имаат огромен студен бран“, рече тој, додавајќи дека го замолил Путин да ги одложи нападите една недела за да не бидат испукани ракети врз Киев или кој било друг град. Според Трамп, Путин се согласил.
„Тоа е нешто“, заклучи американскиот претседател.
По изјавите на Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Трамп го замолил Путин да ги запре нападите врз Украина, но не сакаше да потврди дали рускиот претседател се согласил со барањето.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.

