Свет
Посетата на Путин на Индија: Нафта, оружје и геополитичка порака до светот
Рускиот претседател Владимир Путин оди во Индија во дводневна посета, каде што се очекува да се сретне со премиерот Нарендра Моди и да учествува на годишниот самит меѓу двете земји.
Се очекува да бидат потпишани низа договори меѓу Делхи и Москва, во време кога САД го зголемија притисокот врз Индија поради нејзиното купување руска нафта и во екот на обидите на администрацијата на Доналд Трамп да посредува во мировните преговори меѓу Русија и Украина, пишува Би-Би-Си.
Зошто Индија е клучна за Кремљ?
Индија, со население од 1,4 милијарди и раст од над 8%, е најбрзо растечката голема економија и главен пазар за руски стоки, особено нафта. Пред инвазијата на Украина, 2,5% од увозот на нафта во Индија доаѓаше од Русија, но откако беа воведени западните санкции и големи попусти, таа бројка скокна на 35%.
САД не се задоволни од ова. Во октомври, администрацијата на Трамп воведе дополнителна царина од 25% на индиските стоки, тврдејќи дека купувањата на руска нафта од страна на Индија помагаат во финансирањето на Кремљ. Индиските нарачки оттогаш опаѓаат, а Путин ќе се обиде да го промени трендот.
Продажбата на оружје остана клучна оска на односите Москва-Делхи уште од советско време. Индија наводно размислува да купи модерни руски борбени авиони и системи за воздушна одбрана, додека Русија ја гледа Индија како вреден извор на квалификувана работна сила.
Геополитичка порака до светот
Посетата има силна геополитичка димензија. Кремљ сака да покаже дека Западот не успеал да го изолира поради војната во Украина. Средбата со Моди и неодамнешната посета на Кина се дел од истата стратегија за потврдување на сојузите и идејата за „мултиполарен свет“. Русија повторува дека има „неограничено партнерство“ со Кина и „специјално и привилегирано стратешко партнерство“ со Индија, за разлика од затегнатите односи со ЕУ.
Новинарот Андреј Колесников смета дека Кремљ е убеден дека Западот „не успеал“, но и дека Русија ги изгубила своите историски врски со Европа. Сепак, оваа недела фокусот ќе биде на руско-индиското пријателство, трговските договори и зајакнувањето на соработката.
Тест за стратешката автономија на Моди
Посетата на Путин доаѓа во клучен момент за Моди. Врските меѓу Индија и Русија датираат од советската ера, а Моди се спротивстави на притисокот од Западот да ја осуди Русија за војната, инсистирајќи на дијалог. Таа политика на „стратешка автономија“ функционираше сè додека Доналд Трамп не се врати во Белата куќа. Новите царини ги доведоа односите меѓу САД и Индија до најниската точка во последните месеци. За Моди, сегашната посета е тест за рамнотежата меѓу Москва и Вашингтон.
Моди сака да покаже дека не попуштил пред притисокот од САД, но се соочува и со критики од европските сојузници – амбасадорите на Германија, Франција и Велика Британија објавија заеднички колумна во индиски весник во која го критикуваат рускиот став кон Украина.
Предизвикот за Индија, според тинк-тенкот GTRI, е „зачувување на автономијата, а воедно и управување со притисокот од Вашингтон и зависноста од Москва“.
Трговија надвор од нафтата и оружјето
Вториот приоритет на Моди е да ја зголеми билатералната трговија. Иако порасна на 68,72 милијарди долари, тоа е во голема мера резултат на големиот увоз на руска нафта од Индија. Ова создаде значителен дисбаланс во корист на Русија, кој Моди сака да го исправи.
Како што индиските компании ги намалуваат купувањата на руска нафта поради санкциите на САД, ќе се бараат нови области на соработка. Одбраната е главен кандидат: Индија останува во голема мера зависна од руските системи. Конфликтот со Пакистан во мај ја истакна важноста на платформите како С-400, но и нивните недостатоци. Индија наводно сака да го купи системот С-500 и борбениот авион Су-57, но Русија има проблеми со производството поради санкциите, а испораката на С-400 е одложена до 2026 година. Моди ќе бара гаранции за роковите.
Индија, исто така, сака подобар пристап до рускиот пазар за да го исправи огромниот дисбаланс. Според GTRI, индиските производи како што се паметни телефони, ракчиња, месо и облека сè уште имаат многу слабо присуство во Русија.
„Посетата на Путин не е како старите разговори од Студената војна, туку преговори за ризик, синџири на снабдување и економска изолација. Скромниот исход ќе обезбеди нафта и одбрана; амбициозниот би можел да ја преобликува регионалната економија“, заклучува GTRI.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

