Свет
Последици од онлајн наставата: „Бејби гангстери“ возат велосипеди, ја опкружуваат „жртвата“ и сеат страв
На италијанските улици се зачестени епизодите на насилство меѓу малолетниците.
Феноменот „бејби банда“ експлодираше за време на пандемијата, а во последните денови се пресели од периферијата во елитните делови на италијанските градови, предизвикувајќи загриженост и страв кај населението.
Последниот случај на насилство меѓу бандите малолетници, популарно наречени „бејби банда“ во Италија, се случи во Милано, на централната улица Корсо Комо, позната по модата и ноќниот живот.
Ова е само еден во низата случаи што се евидентирани во последните години, особено за време на пандемијата. Станува збор за малолетници, претежно на возраст од 12 до 17 години, кои формираат помали банди, најчесто во периферните зони, кои ги именуваат по поштенскиот број на таа зона, предизвикуваат нереди и сето тоа го објавуваат на социјалните мрежи.
Нивни жртви се најчесто други малолетници кои напаѓаат кога се сами и кои не се дел од други банди, но сè повеќе има конфликти меѓу самите банди, како и напади врз населението без разлика на возраста. Многу често дел од бандите се и девојчиња.
Изминатиов викенд имаше тепачки и убодни рани на улиците на Милано, во централната зона Гарибалди и Брера, чиј епилог е четири повредени лица, од кои едно е тешко повредено. Причините најчесто се бесмислени, провокации и кавги под дејство на алкохол, а не толку ретко грабежи и кражби на патики и паричници од други малолетници.
По повод честите сцени на насилство на улиците на Милано, гувернерот на регионот Ломбардија, Атилио Фонтана, на својата фејсбук-страница објави дека треба итно да донесе одлуки за зголемување на бројот на силите за спроведување на законот на улиците: армија, карабинери и полиција.
Во последните две години насилството извршено од малолетници ги исплаши италијанските граѓани. Се движат во група, немаат почит кон никого, се собираат на плоштадите, често се движат со велосипеди, ја опкружуваат „жртвата“ и сеат страв.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Романија потврди два случаи на лепра, првпат по 40 години
Романија објави дека пронашла две масерки кои страдаат од лепра во спа центар во северозападниот град Клуж, што е прв потврден случај на болеста во таа земја од Европската Унија по повеќе од 40 години.
Како што објавува Ројтерс, уште две лица се тестираат, а двата потврдени случаи – двете индонезиски државјанки, на возраст од 21 и 25 години – се лекуваат, додаде Министерството за здравство.
Министерот за здравство Александру Рогобете рече дека корисниците на спа центарот не треба да се грижат, бидејќи продолжената изложеност е неопходна за пренесување на болеста.
Една од пациентките неодамна се вратила од Азија, каде што поминала еден месец со нејзината мајка, која моментално е во болница со истата болест, рече Рогобете, како што објави државната новинска агенција Агерпрес.
Властите го затворија спа центарот додека не заврши истрагата, соопштија здравствените службеници.
Последниот потврден случај на лепра во Романија, позната и како Хансенова болест, е откриен пред 44 години, соопшти министерството.
Свет
Промена во Зелениот план: ЕУ се откажува од целосната забрана за возила на дизел и бензин
Целосната забрана за продажба на нови автомобили на бензин и дизел во Европската унија од 2035 година ќе биде олеснета, најави еден од водечките политичари на Европскиот парламент.
Одлуката, која Европската комисија треба да ја објави следниот вторник во Стразбур, предизвика остри поделби и гнев кај екологистите, кои тврдат дека тоа го поткопува Зелениот план на ЕУ, пишува „Гардијан“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека го поддржува таквиот пресврт, по месеци инсистирање за промена на правилата за укинување на моторите со внатрешно согорување.
Фото: депозитфотос
Свет
Фицо: Нема да поддржам ништо, што би довело до поддршка за воените трошоци на Украина, дури и ако треба да седиме во Брисел до Нова Година
Словачкиот премиер Роберт Фицо одби каква било поддршка за дополнително финансирање на украинските воени средства, „дури и ако седат во Брисел до Нова Година“. Тој исто така рече дека „не сака да биде дел од Западна Европа каде што животот на Русите и Украинците е безвреден“.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Фицо изјави дека денес имал телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Длабоко го почитувам, но додека зборуваше за пари за војната во Украина, повторив дека секојдневното убивање на стотици до илјадници Руси и Украинци е сосема бесмислено. Ако животот на еден Русин или Украинец е безвреден за Западна Европа, јас не сакам да бидам дел од таква Западна Европа. Му реков дека нема да поддржам ништо – дури и ако треба да седиме во Брисел до Нова Година – што би довело до поддршка за воените трошоци на Украина“, напиша Фицо.
Тој додаде дека како премиер на Словачка, е „подготвен да ја поддржи Украина во нејзината реконструкција, врз основа на билатерални преговори меѓу словачката и украинската влада, но одбива бесмислено убивање“.
Тој исто така изјави дека испратил писмо до претседателот на Европскиот совет и до сите премиери на земјите-членки на ЕУ, кое го објави на Икс.
Фото: депозитфотос

