Свет
Постојаниот претставник на Русија во ОН: Израел нема право на самоодбрана
Русија повикува на итен прекин на крвопролевањето во палестинско-израелскиот конфликт за кризата да не се прошири на целиот Блиски Исток, изјави постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја, на вонредната седница на Генералното собрание.
„Ги повикуваме завојуваните страни да го прекинат крвопролевањето и да им дадат можност на посредниците да работат на дипломатско решение, вклучително и итно ослободување на заложниците. Порано или подоцна, тој пат ќе мора да се следи. Прашање е само колку невини луѓе ќе загинат за тоа време“, изјави Небензја.
Како што истакна, Израел како окупаторска сила нема право на самоодбрана во овој конфликт во Газа, што го потврдуваат и заклучоците на Меѓународниот суд на правдата од 2004 година.
„Морам да го забележам лицемерството на САД и нивните сојузници, кои, во други, сосема поинакви ситуации, повикуваат на почитување на хуманитарното право, формираат комисии за истрага, воведуваат санкции против оние што всушност користат сила како последно средство за да го запрат долгото постојано насилство. И, денес, гледајќи го ужасното уништување во Газа, што е многу поголемо од сè што тие луто го критикуваат во други регионални контексти, нападите врз цивилни цели, вклучително и болници, смртта на илјадници деца и страшното страдање на цивилите под целосна блокада, молчат како наводенети. Единственото нешто што го прават е дека Израел наводно има право на самоодбрана, иако како окупаторска сила го нема тоа право, што е потврдено со советодавните заклучоци на Меѓународниот суд на правдата од 2004 година“, рече Небензја.
Во исто време, тој додаде дека Русија го признава правото на Израел да ја гарантира безбедноста, но „тоа може целосно да се гарантира само во случај на праведно решение на палестинскиот проблем врз основа на добро познатите резолуции на Советот за безбедност на ОН“.
„Ние не го негираме правото на Израел да се бори против тероризмот. Но, вие се борите против терористите, а не со цивилите. Во спротивно, вие самите заземате страна на злото и постапувате според неговите методи. Еврејскиот народ, кој со векови трпеше прогонство, треба подобро од кој било друг да разбере дека страдањето на обичните луѓе, смртта на невините поради слепа крвава одмазда, нема да помогне да се воспостави правда, да ги оживее мртвите или да ги утеши нивните семејства. А христијанството, исламот и јудаизмот ја обединуваат вредноста на човечкиот живот, која му припаѓа на Бога и која никој нема право да ја одземе“, рече рускиот дипломат.
Тој исто така истакна дека Советот за безбедност на ОН нема право да му даде „карт-бланш“ на Израел за копнена операција во Појасот Газа, пренесува „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

