Свет
Почина двегодишно девојче, таткото го оставил во автомобилот: повеќе од три часа била на 42 степена во Аризона
Маж од Аризона е обвинет за убиство откога ја оставил својата двегодишна ќерка во жежок автомобил додека бил зафатен со играње игри повеќе од три часа.
Кристофер Шолтс, 37-годишен татко на три девојчиња, изјавил дека кога се вратил од шопинг, ја оставил малата Паркер да спие во автомобилот само 30 минути бидејќи не сакал да ја разбуди, пишува „Њујорк пост“.
Но, неодамна објавените судски записи покажуваат дека тој играл игри повеќе од три часа додека неговата сопруга, која е лекар, не дошла дома и го нашла девојчето мртво во неговиот автомобил.
„Ти реков да не ги оставаш во автомобил! Колку пати сум ти кажала“, му напишала анестезиологот Ерика Солтс на својот сопруг во порака по страшната трагедија на 9 јули.
„Драга, извини. Драги, нашето семејство… Како можев да го направам тоа? Го убив нашето дете, ова не може да биде реалност“, одговорил нејзиниот сопруг.
Кристофер Солтс ѝ рекол на полицијата дека пристигнал во нивниот дом во предградието во Тусон околу 14.30 часот и го паркирал својот автомобил надвор бидејќи гаражата била претрупана со опрема за вежбање. Тој рече дека заборавил оти девојчето сè уште е во автомобилот пред неговата сопруга да се врати дома во 16 часот и да ја види ужасната слика.
Но, снимката од CCTV покажува дека тој пристигнал надвор од куќата набргу по 12.30 часот и го оставил девојчето во автомобилот повеќе од три часа на температури над 42 Целзиусови степена. Според тужбата, тој „бил расеан играјќи игри и подготвувајќи храна“, а другите две девојчиња им кажале на полицајците дека татко им редовно ги оставал сами во автомобилот додека бил во куќата.
Вознемирениот татко ѝ рекол на полицијата дека го оставил вклучен клима-уредот на автомобилот, но признал дека знаел оти автоматски ќе се исклучи по 30 минути, се вели во извештајот. Кога тој бил обвинет пред судот за убиство на дете, неговата сопруга го молела судијата да го ослободи додека трае судењето нарекувајќи го сето тоа „голема грешка“.
„Можеш ли да го пуштиш да дојде дома со нас за сите да го почнеме процесот на тагување, за следната недела да ја погребаме ќерката и да го поминеме целиот овој процес заедно како семејство“, му рекла таа на судијата.
„Ова беше голема грешка, тој не е таков. Сакам само девојките да го видат својот татко и дека вечерва не морам да кажам оти ќе мора да претрпат уште една загуба“, рекла Ерика.
Судијата одреди кауција од 25.000 долари иако обвинителот првично бараше кауција од 1 милион долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

