Свет
Почина долгогодишниот церемонијален шеф на Северна Кореја
Ким Јонг Нам, долгогодишен дипломат и поранешен почесен шеф на државата на Северна Кореја, единствената личност надвор од династијата Ким што ја држеше оваа позиција, почина на 97-годишна возраст, објавија севернокорејските државни медиуми. Според новинската агенција КЦНА, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го посети неговиот гроб рано вчера за да му оддаде почит и да изрази сочувство.
Ким Јонг Нам беше единствената личност надвор од династијата Ким што ја држеше функцијата номинален шеф на државата, а од 1998 година до неговото пензионирање во 2019 година, тој ја претставуваше Северна Кореја на меѓународни настани како едно од најпознатите лица на нејзината дипломатија.
Тој беше познат по своите говори исполнети со пропаганда со длабок, бучен глас во поддршка на владејачката династија Ким. Иако неговата улога беше во голема мера церемонијална, тој учествуваше во важни настани, вклучително и посетата на Јужна Кореја за Зимските олимписки игри во 2018 година, каде што се сретна со тогашниот претседател Мун Џе-ин.
„Другарот Ким Јонг Нам верно ја одржуваше идеологијата и раководството на партијата и ја демонстрираше својата извонредна компетентност и искуство на меѓународната сцена, давајќи значаен придонес во историјата на политиката и дипломатијата на нашата земја“, соопшти КЦНА.
„И покрај неговата протоколарна улога во вториот дел од неговата кариера, Ким Јонг Нам имаше значително влијание преку покровителски врски со севернокорејските дипломати и службеници за странски служби“, рече Мајкл Маден, експерт за севернокорејско лидерство од американскиот центар Стимсон.
Роден во 1928 година, Ким Јонг Нам држеше високи позиции во Министерството за надворешни работи и помогна во обликувањето на севернокорејската дипломатија под водство на основачот Ким Ил Сунг. Подоцна презеде истакната улога во надворешната политика и ја претставуваше земјата за време на владеењето на Ким Џонг-ил, соопшти агенцијата.
„Тој беше единствениот познат висок севернокорејски функционер кој никогаш не беше казнет, отпуштен или деградиран ниту од Ким Ил Сунг ниту од Ким Џонг-ил“, додаде Маден. Државната новинска агенција КЦНА објави дека Ким Јонг Нам ќе биде погребан на државен начин.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Родригез ќе помине полошо од Мадуро ако не прави како што треба
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека венецуелската потпретседателка Делси Родригез би можела „да плати повисока цена“ од соборениот лидер Николас Мадуро „ако не го стори она што е исправно“.
– Обновата на земјата не е лоша работа. Венецуела е банкротирана. Оваа земја е катастрофа во секој поглед.„Ако (Родригез) не сака да го прави она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно повисока од цената што ја плати Мадуро, рече Трамп.
Трамп по вчерашниот напад врз Венецуела и грабнувањето на Мадуро, првично ја пофали Родригез и кажа дека таа ќе соработува со САД. Но, кратко потоа, Родригез му одгооври дека нејзината земја ќе ги заштити своите природни ресурси.
Американскиот претседател ја бранеше својата одлука за насилно заробување на Мадуро, велејќи: „Реставрацијата и промената на режимот – како и да ја наречете – се подобри од она што го имаме таму во моментов. Не може да биде полошо“.
Трамп, исто така, рече дека и други земји, особено Гренланд, би можеле да бидат цел на интервенција на САД.
– На другите е сами да проценат што значи американската воена акција во Венецуела за Гренланд. Апсолутно ни е потребен Гренланд. Потребен ни е за одбрана, рече тоj за островот, кој е дел од Данска, која е членка на НАТО.
Свет
В четврток и петок целосна блокада на главните патни правци низ Грција
Со 48-часовна блокада на целата национална патна мрежа, на споредните патишта и на клучните патни правци во Грција, како и на граничните премини, но веројатно само за камиони, в четврток и петок грчките земјоделци ги продолжуваат нивните активности по празниците, согласно одлуките што ги донесоа на повеќечасовниот состанок одржан денеска со учество на претставници на 62 блока од целата земја.
На масовниот состанок одржан во Малгара во близина на Солун, претставниците на земјоделците одлучија дополнително интензивирање на протестите, веднаш по Водици што во Грција е на 6 јануари, а целта е земјата да се подели на два дела и да се запрат секакви активности на главните грчки автопатишта.
Во однос на граничните премини, најавите се дека во овие 48-часа ќе постои целосна блокада за камионите, додека пак автобусите и автомобилите ќе се сообраќаат непречено.
Протестите на земјоделците траат над еден месец, започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.
Во периодот околу Божиќ и сега пред и по Нова година, земјоделците привремено ги тргнаа блокадите за да го олеснат патувањето на граѓаните за време на празниците.
Свет
Најмалку 40 убиени во американскиот напад врз Венецуела
Најмалку 40 лица, вклучувајќи воен персонал и цивили, се убиени во американските воздушен напад врз Венецуела рано во саботата наутро, изјавил висок венецуелски функционер за „Њујорк тајмс“.
Весникот пренесува дека во нападот имало цивилни жртви, особено во Катија Ла Мар, сиромашна крајбрежна област западно од аеродромот во Каракас, каде што била погодена трикатна станбена зграда, при што се урнал нејзиниот надворешен ѕид.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека во нападот нема настрадани американски војници, но призна дека неколкумина се повредени.
Подоцна истиот ден, на прес-конференција во Мар-а-Лаго, генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, објасни дека американските хеликоптери, кои биле на мисија да ги извлечат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, биле нападнати. Според него, еден хеликоптер бил погоден, но останал оперативен, додека сите американски авиони се вратиле дома безбедно.

