Свет
Почина поранешниот кинески премиер, Ли Кечијанг
Поранешниот кинески премиер, Ли Кечијанг, почина од срцев удар во Шангај на 69-годишна возраст, јави кинеската државна телевизија CCTV.
Ли беше втор по ранг лидер во Кина од 2013 до оваа година, а во март се повлече од сите политички позиции.
Државната служба на Кина извести дека Ли Кечијанг доживеал срцев удар во четвртокот додека бил на одмор во Шангај и дека и покрај сите обиди за реанимација, тој починал десет минути по полноќ.
Тој е без овластување откако претседателот Шји Џјинпинг стана најмоќниот кинески лидер по децении консолидирање на контролата врз економијата и општеството, според агенцијата АП.
Ли беше економист и ја имаше втората најмоќна позиција во Кина, но во последните години е изолиран во главното државно раководство, јавува Би-би-си.
Тој беше единствениот висок функционер што не припаѓаше на групата лојална на претседателот Шји.
„Ли се сметаше за прагматичен лидер и ги охрабруваше економските реформи. За жал, неговиот глас беше ефективно замолчен, а потоа беше отстранет и заменет минатата година со некого лојален на Шји“, рече Џејмс Цимерман, политички коментатор од Пекинг.
Тој додаде дека смртта на Ли е значајна загуба за умерените гласови во раководството на партијата.
На социјалните мрежи во Кина многумина изразуваат жалење за смртта на Ли. Веб-страниците на државните медиуми се обоени во црно, но на државните медиуми за неговата смрт се зборува многу умерено, наведува Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

