Свет
Почина поранешниот шеф на Мосад, кој го предупреди Израел дека се подготвува инвазија во 1973 година
Зви Замир, поранешниот директор на Мосад, чие предупредување дека Египет и Сирија планираат да го нападнат Израел во 1973 година, а израелската влада го игнорира, почина на 98-годишна возраст, јавува „Ројтерс“.
Смртта на Замир беше објавена од Мосад, која тој ја водел од 1968 до 1974 година. Поранешниот воен генерал Замир стоел и зад израелските убиства на палестинските команданти одговорни за масакрот на израелските спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.
„Неговиот придонес за безбедноста на Израел ќе се памети долго време“, напиша израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, на „Икс“.
Замир бил шеф на Мосад кога Сирија и Египет го нападнале Израел на 6 октомври 1973 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Маж по пет дена е спасен од урнатините на зграда во Јужна Африка
Маж е спасен од урнатините пет дена по уривањето на зграда во Јужна Африка, а премиерот на Западен Кејп, Алан Винд, го опиша настанот како чудо.
Во понеделникот се урна петкатна зграда во градот Џорџ, источно од Кејптаун.
Во официјалното соопштение се наведува дека таму во моментот имало 81 лице и дека досега е потврдена смртта на 13 лица, а 39 се’ уште се водат за исчезнати. Во објава на „Икс“ денес, Винд напиша дека преживеан маж е успешно извлечен од урнатините по 116 часа.
За да се обидат да стигнат до сите жртви кои останале заробени во урнатините, спасувачите користеле кранови, дупчалки и свои раце за да се обидат да ги спасат.
Спасувачките операции продолжуваат.
Свет
Туск: Полска нема да штеди средства за зајакнување на границата со Белорусија
Полскиот премиер Доналд Туск на границата со Белорусија изјави дека е започнато зајакнувањето и утврдувањето на полската граница, за што неговата земја нема да штеди пари и дека самата Унија ќе мора да инвестира во безбедноста на таа источна граница со Европска унија.
„Нема сомнеж за се поагресивните намери на Белорусија кон Полска. Преземаме чекори за зајакнување на границата поради зголемениот притисок од режимот на Александар Лукашенко и зголемените закани од војната поради руската агресија во Украина. Започнавме интензивна работа на утврдување на целата граница на Полска на исток“, изјави Туск во пограничниот град Каракула, пренесува „Н1“.
Претходно оваа недела, полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш рече дека земјата треба да има план за изградба на систем на ровови и бункери на источната граница.
Полскиот премиер по разговорот со командантите на граничната стража, армијата и полицијата на границата со Белорусија, рече дека Европа ќе мора да инвестира во својата надворешна граница во Полска бидејќи тоа е и инвестиција во европската безбедност.
„Нема ограничување на средствата кога станува збор за безбедноста на Полска. Како што рековме дека нема да штедиме на оружје и армиска опрема, сакам да кажам и дека нема да заштедиме на безбедноста на границите, не само кога станува збор за инфраструктурата, туку и за опремата за секој војник“, рече Туск.
Полскиот премиер предупреди дека се засилува притисокот на илегалната миграција од Белорусија, која како дел од хибридната војна против Полска ја организира режимот на соседна Белорусија.
„Се зголемуваат обидите за илегално преминување на границата, како што очекувавме“, рече Туск.
Тој го изрази и своето разбирање за хуманитарните организации „кои им помагаат на бегалците да ја надминат оградата на границата со Белорусија“ и да влезат во Полска затоа што, како што рече, оваа злоупотреба на несреќата на луѓето и организирањето илегална миграција од Белорусија предизвикува големи емоции.
Туск, сепак, вети дека неговата влада ќе подготви измени на законот со цел граничарите, војниците и полицајците да имаат чувство на правна сигурност во нивните гранични активности.
Регион
Чамец со туристи потона во Бледското езеро во Словенија
На езерото Блед во Словенија, кое секоја година го посетуваат голем број посетители од просторот на поранешна Југославија и околните земји, вчера за малку ќе се случеше трагедија кога, според словенечките медиуми, потона чамец со четворица туристи.
За среќа, тие биле спасени од смрт со брзата реакција на пожарникарите и нуркачите.
„Во 11 часот и 20 минути потона туристички чамец со четворица туристи на Бледското езеро кај вилата Златорог во Блед“, соопшти полицијата на Горење, а јави познатиот словенечки портал siol.net.