Свет
Почнаа да работат првите камери што фаќаат возачи што користат телефон зад воланот
Австралиската држава Нов Јужен Велс во неделата ги претстави камерите за детектирање висока дефиниција дизајнирани да ги фатат возачите што користат мобилни телефони зад воланот.
Ендру Констанс, министер за патишта на Нов Јужен Велс, рече дека технологијата – прва од ваков вид во светот – ќе таргетира нелегални телефонски повици преку фиксни и мобилни камери. Камерите ќе користат вештачка интелигенција за прегледување слики и откривање нелегална употреба на мобилен телефон, објави Си-ен-ен.
Фотографиите што камерата ги идентификува го содржат возачот додека остварува телефонски повици зад воланот, а потоа тие ќе бидат проверени од овластен персонал, изјавија официјални лица додавајќи дека сликите што ќе ги направи системот ќе бидат чувани на безбедно.
Во текот на следните три години државните власти ќе распоредат 45 преносни камери на непознати локации и без знаци на предупредување. Првите три месеци непослушните возачи фатени од камерата ќе добијат предупредувачки писма, а по тој период, ќе бидат казнети со глоба до 344 долари, односно 457 долари во училишна зона, или ќе бидат казнети со поени во возачката дозвола.
„Владата на Нов Јужен Велс е сериозна во врска со намалувањето на жртвите на патот, а камерите што откриваат мобилни телефони се еден од начините да го сторат тоа“, рече Констанс.
Официјалните претставници посочија дека над 100.000 возачи што користеле мобилни телефони додека управувале со возило биле фатени за време на пробата на новиот систем претходно оваа година. Речиси 329 лица загинаа во сообраќајни несреќи во Нов Јужен Велс оваа година, а во 2018 година загинаа 354, според официјалната статистика. Владата сака смртните случаи на патиштата да ги намали 30 проценти до 2021 година.
Зборувањето преку мобилен телефон за време на возењето е нелегално во Нов Јужен Велс, но дозволено е користење безжична технологија (слушалки). Употребата на други функции, вклучувајќи ги социјалните мрежи, видеоповиците, фотографирање и слушање музика, е дозволено само доколку возилото е паркирано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.