Свет
(Видео) По ниските поларни температури во Америка, следува натпросечно затоплување
Централните делови на САД ги парализираа поларните температури што паднаа на минус 48 Целзиусови степени.
Официјални лица од неколку земји му припишаа многубројни смртни случаи на ледениот воздух. Според „Ројтерс“, бројот на жртви се зголемил од претходните 12 на 21 лице. Имено, лекарот од болницата во Чикаго изјави дека девет лица починале како резултат на екстремниот студ во Чикаго. Некои загинаа во сообраќајни незгоди поврзани со студеното време, а други поради изложеност на студ.
Особено се загрозени бездомниците, па поради тоа Чикаго и другите градови отворија засолништа каде што може да се згреат.
Медиумите известуваат дека еден студент на универзитетот во Ајова починал од студ.
Пред повеќе од 20 години сличен арктички бран го погоди средниот запад на САД и североисточно од таа земја. Забележани се повеќе од 30 рекорди на ниски температури, а најниската е забележана во четвртокот во Котон Сити, Минесота, каде што беше минус 48 степени.

Се очекува бранот на арктички студ да престане во текот на викендот, според „Ројтерс“, додавајќи дека веќе в сабота во некои централни делови на САД, каде што овие денови е студено, може да се измерат дури 15 степени над нулата, што е 20 степени повеќе од просекот. Но, тоа ќе трае многу кратко бидејќи температурите ќе се вратат во нормала за овој период од годината за неколку дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс за нападот со нож во возот во Англија: Згрозен сум и шокиран
Кралот Чарлс III денес изјави дека е „шокиран“ од нападот со нож во воз во источна Англија, во кој беа повредени најмалку десет лица.
„Мојата сопруга (кралицата Камила) и јас сме апсолутно згрозени и шокирани од овој ужасен напад со нож. Длабоко сочувствуваме со сите погодени и нивните најблиски“, рече кралот во соопштение на социјалните мрежи.
Британската полиција денес соопшти дека во оваа фаза го исклучува тероризмот како мотив за нападот со нож во воз во близина на Кембриџ.
„Во оваа фаза, нема индикации дека станува збор за терористички инцидент“, рече Џон Лавлес, шеф на британската железничка полиција.
Тој на прес-конференцијата потврди дека две лица се уапсени под сомнение за обид за убиство, наведувајќи дека станува збор за 32-годишен и 35-годишен британски државјанин, и дека еден од нив е од карипско потекло.
Десет лица се повредени во нападот, а девет од нив имаат повреди опасни по живот.
Нападот со нож се случи вчера, во возот Донкастер-Лондон Кингс Крос. Возот направил непланирано запирање на станицата Хантингдон за да интервенира полицијата.
Станицата Хантингдон се наоѓа во универзитетската област во Кембриџ, околу 120 километри северно од Лондон.
Фото: принтскрин
Свет
Сибиха: Ќе ја принудиме Русија да ја заврши војната
Далекусежните способности на Украина се клучен фактор што ќе ја принуди Русија да ја заврши војната, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Колку подалеку можеме да стигнеме, толку пократка ќе биде војната. Далекусежните способности на Украина брзо се зајакнуваат. Бројот на успешни напади врз легитимни воени цели во Русија расте секоја недела“, напиша тој на платформата X.
Според Сибиха, станува збор за добро пресметана, прецизна и интелигентна кампања чија цел е да ја ослабне руската воена машина и да ја принуди Москва побрзо да ја заврши војната. Како што додаде, арсеналот на Украина со долг дострел ќе служи како средство за одвраќање и гаранција против нова руска агресија, објави Укринформ.
„Имаме технологија и капацитет да произведеме посилна огнена моќ, но ни требаат повеќе инвестиции за да го постигнеме ова“, рече украинскиот министер, повикувајќи ги партнерите да го зголемат својот придонес и да се здружат со Украина, како и да започнат нови заеднички проекти. Според него, тоа е двонасочна улица, бидејќи оние кои ѝ помагаат на Украина сега добиваат нови можности за сопствениот одбранбен потенцијал во иднина. Како што додаде Сибиха, војната што Русија ја започна против Украина сега ѝ се враќа.
„Колку побрзо Кремљ го сфати ова, толку побрзо ќе ја донесе единствената разумна одлука, а тоа е да ја запре војната“, рече функционерот, пренесува Танјуг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека новите санкции воведени од американскиот лидер Доналд Трамп ќе ѝ наштетат на воената машинерија на Русија, но дека на Киев сè уште му се потребни ракети со долг дострел за да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да склучи мир, потсети агенцијата.
Фото: принтскрин
Свет
Петмина планинари загинаа во лавина во Италија
Петмина германски планинари загинаа во лавина во регионот Трентино-Јужен Тирол во северна Италија, објави порталот Алто Адиџе, повикувајќи се на локалната служба за планинско спасување.
Според првичните информации, две групи ентузијасти за екстремни спортови се нашле вчера во планините Ортлс кога била предизвикана огромна лавина. Службите за итни случаи веднаш започнале спасувачка операција.
Во текот на саботата, 1 ноември, спасувачките екипи успеале да пронајдат двајца преживеани планинари од првата група, како и телата на неколку жртви од втората. Пребарувањето продолжило во неделата, кога биле пронајдени уште две тела, со што бројот на жртви се искачил на пет. Меѓу загинатите е и седумнаесетгодишно девојче.
Ова, како што потсетуваат медиумите е нова трагедија во низата несреќи што ги погодија европските планини оваа година. Во август, Русинката Наталија Наговичина и Италијанецот Лука Синигалја загинаа во планините на Киргистан, додека Александар Расторгујев, поранешен претседател на Планинарското здружение на Краснодарската област, почина во Кабардино-Балкарија.
Фото: принтскрин

