Европа
Првата порака од Естонија откако Путин издаде налог за Каја Калас: „Русија се подготвува за војна со Западот“
Русија се подготвува за воен конфликт со Западот во следната деценија, но може да биде оттргната од тој план со акумулација на западни вооружени сили, објави денеска Естонската служба за надворешно разузнавање.
Шефот на разузнавањето, Каупо Росин, рече дека процената се заснова на плановите на Русија да го удвои бројот на сили стационирани по должината на нејзината граница со членките на НАТО – Финска, Естонија, Литванија и Латвија, пренесува „Ројтерс“.
Сепак, во блиска иднина не се очекува воен напад од Русија, делумно затоа што Москва мора да задржи војници во Украина, тврди Росин. Денеска, Русија издаде потерница по естонската премиерка Каја Калас.
„Ако не сме подготвени, веројатноста (за руски воен напад) би била многу поголема отколку без никакви подготовки“, додаде Росин.
Естонија и другите балтички земји ги зголемија своите воени трошоци на над два отсто од вредноста на своите економии откако Русија го анектира Крим во 2014 година, а сојузниците на НАТО го зголемија своето присуство во тие земји, пренесува „Ројтерс“.
Германија планира да има 4.800 војници подготвени за борба во регионот до 2027 година во своето прво постојано воено распоредување во странство по Втората светска војна, а Росин рече дека сојузниците на НАТО се движат во вистинската насока кога станува збор за спротивставување на наводната руска закана. Осврнувајќи се на коментарите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека нема да ги брани сојузниците во НАТО што не трошат доволно на одбраната, Росин рече: „Таквите изјави никогаш не се од помош“.
Способноста на Русија да им обезбеди муниција на своите војници ја надминува онаа на Украина и доколку западната поддршка не биде задржана или зголемена, малку е веројатно дека Украина ќе може да ја промени ситуацијата на бојното поле, додаде Росин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Стотици цивили се евакуирани од пограничните области на Харков
Стотици цивили се евакуирани од пограничните области на регионот Харков поради руските воздушни напади, пишува Гардијан.
Полициските службеници помогнаа да се отстранат жителите од заедниците Циркунивска, Липецка и Вовчанск. Некои од најжестоките борби се водат на периферијата на украинскиот град Вовчанск, кој пред војната имаше 17.000 жители.
Украинските и руските извештаи потврдија дека руските војници напредувале во близина, каде што биле пријавени истрели во индустриските области.
Европа
Аналитичар: Шојгу оди на уште повисока позиција, каде ќе оди сега Патрушев, останува да видиме
Во екот на засилената офанзива во Украина, каде руските сили интензивно напаѓаат и напредуваат во областа Харков и во Доњецк, силно одекна веста за разрешувањето на долгогодишниот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Рускиот претседател Владимир Путин сосема неочекувано го разреши Сергеј Шојгу и на функцијата министер за одбрана го назначи Андреј Белоусов, поранешен вицепремиер задолжен за економија.
Путин, како што често се случува со ненадејните промени во Кремљ, не го отстрани Шојгу од номенклатурата на власта. Напротив, Шојгу ќе ја преземе функцијата секретар на рускиот Совет за безбедност, која претходно ја вршеше моќниот Николај Патрушев од кругот на најблиски соработници на Путин од почетокот на неговото доаѓање на власт.
Сенка на сомнеж и нејаснотија фрла и настанот од пред неколку недели, кога Тимур Иванов, заменик на Шојгу во Министерството за одбрана, беше уапсен под обвинение за примање поткуп.
Иванов беше еден од најдоверливите соработници на Шојгу, па се шпекулираше дека неговото апсење е предупредување за Шојгу дека му се тресе министерската фотелја.
Но, што би значело преместувањето на Шојгу на чело на Советот за безбедност, тело кое практично го надгледува целиот воено-индустриски и разузнавачки комплекс? Во Русија, која е во војна, ова не изгледа како деградација.
Ректорот на Универзитетот во Верн и геополитички аналитичар Влатко Цвртила за хрватски Н1 забележува дека Шојгу од позицијата министер за одбрана се сели на уште поважна функција и не ја смета за изненадувачка оваа кадровска промена. Оваа функција, вели тој, дава контрола врз целиот безбедносен систем, а со тоа и огромно влијание.
„Знаеме дека пред две години имаше смена на одредени генерали, знаеме и за бунтот на Вагнеровата група, а апсењето на заменикот на Шојгу најави дека некои работи во Министерството за одбрана може поинаку да се уредат. На крајот се случи. Затоа би рекол дека Шојгу не е разрешен, туку дека заминал на функција од која ќе има големо влијание врз целиот безбедносен систем“, изјави Цвртила.
Тој смета дека оваа кадровска рокада не е целосна, но изгледа дека Шојгу не е губитник во ситуацијата. На новата функција тој ќе има уште пошироки овластувања од претходно.
„Сега треба да видиме каде ќе оди Патрушев со оглед на тоа што тој беше сивата еминенција на целиот безбедносно-разузнавачки систем. Треба да видиме која ќе биде неговата нова функција, бидејќи тоа можеби ќе ни даде одговор на прашањето кој всушност е сменет во целата оваа приказна“, посочува Цвртила.
Европа
Каталонскиот претседател ја напушта политиката по катастрофалниот резултат на неговата партија на регионалните избори
Каталонскиот претседател во заминување денеска изјави дека ќе се повлече од политиката откако неговата сепаратистичка партија постигна катастрофален резултат на регионалните избори на кои шпанските социјалисти му нанесоа тежок удар на каталонското движење за независност.
Каталонската републиканска левица (ERC) на претседателот Пере Арагонес останува главната надеж за социјалистите, кои на вчерашните избори освоија најмногу гласови, но не доволно за мнозинство, да формираат влада во богатата покраина во североисточна Шпанија.
Арагонес, кој ја водеше Каталонија три години, рече дека неговата партија нема да ги поддржи социјалистите, на кои им порача да се свртат кон тврдокорната сепаратистичка партија Junts per Catalunya (Заедно за Каталонија).
„Каталонската републиканска левица ќе остане во опозиција каде што не сместија граѓаните“, рече тој пред новинарите.
Социјалистите, предводени во Каталонија од Салвадор Ила, освоија 42 места во 135-члениот каталонски парламент по преброени повеќе од 99 отсто од гласовите, а нивниот вообичаен коалициски партнер, крајно левичарската партија Сумар, освои шест. Јунтс има 35 мандати, а Каталонската републиканска левица 20.
За да можат да формираат влада, партиите треба да имаат 68 пратенички места. Високиот функционер на Социјалистичката партија Нурија Парлон им рече на новинарите дека претпочитаат левичарски договор со Каталонската републиканска левица и Сумара или, алтернативно, малцинска влада поддржана од други партии.
Каталонската републиканска левица владееше за време на периодот на намалување на тензиите со шпанската социјалистичка влада по турбулентни години откако Каталонија одржа нелегален референдум за независност во 2017 година и накратко прогласи независност, што доведе до уставна криза.