Свет
Првпат по три месеци над 1.000 новозаболени во Германија

Германија пријави 1.045 нови случаи на Ковид-19 и тоа е првпат по три месеци бројот на новозаразени да биде поголем од 1.000.
Последниот пат кога Германија пријави над 1.000 нови инфекции во еден ден беше на 9 мај, пренесува Си-ен-ен.
Германската влада изрази загриженост поради порастот на бројот на заразени во земјата и ги повика граѓаните да се придржуваат до мерките, како што се физичка дистанца и носење маски.
Вкупниот број заразени во Германија достигна 213.067, покажуваат денешните податоци од Институтот за заразни болести „Роберт Кох“.
Претходниот ден во Германија беа потврдени 879 случаи на Ковид-19.
Бројот на починати од коронавирус е зголемен за седум, на 9.175.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Америка ја поддржува пресудата на Додик

Министерството за надворешни работи на САД издаде соопштение по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина донесена вчера против претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, јавува Анадолија.
„Ја признаваме пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, изјави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус на социјалната мрежа Икс.
Судот на Босна и Херцеговина во средата донесе пресуда со која Милорад Додик го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана да ја извршува функцијата претседател на Република Српска, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.
We acknowledge the Court of Bosnia and Herzegovina's verdict today concerning Republika Srpska President Milorad Dodik.
— Tammy Bruce (@statedeptspox) February 27, 2025
„Ние силно се спротивставуваме на какви било активности на локалните челници кои би можеле да ја поткопаат безбедноста и стабилноста. Го поддржуваме Дејтонскиот договор и суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ“, рече Брус.
Додик не присуствуваше на пресудата. Наместо тоа, тој се обрати на митингот на неговите поддржувачи во Бања Лука, навредувајќи го судството во БиХ, високиот претставник Кристијан Шмит, како и германските и американските власти.
Тој најави дека РС ќе донесе закони за забрана на судските и безбедносните институции на БиХ на територијата на РС.
Европа
Мелони: Праведен мир во Украина е можен само ако НАТО им даде гаранција за безбедност

Италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека праведен мир во Украина е можен само доколку НАТО обезбеди безбедносни гаранции.
„Ова е најефективниот начин да се спречи нова руска инвазија. Праведен и траен мир во Украина е невозможен доколку на Киев не му се дадат гаранции дека Русија нема повторно да ја нападне земјата“, рече Мелони по средбата со шведскиот премиер Улф Кристерсон во Рим, пренесува УНН.
„Мора да се направат напори за да се постават темелите за праведен и траен мир во Украина, што ќе биде возможно само доколку на Киев му се обезбедат соодветни безбедносни гаранции. Ова би спречило повторување на вакви настани и европските нации кои се чувствуваат загрозени би можеле да бидат безбедни“, додаде Мелони.
Таа нагласи и дека безбедносните гаранции за Украина треба да се спроведуваат во рамките на НАТО.
„Верувам дека ова е најдобрата структура за да се гарантира мир кој нема да биде ниту кревок ниту привремен, за да нема ризик Европа да западне повторно во драмата на војната. Другите решенија ми се чинат покомплицирани и, искрено, помалку ефективни“, заклучи Мелони.
Регион
(Видео) Голем пожар избувна во Нови Сад: „Се слушнаа детонации“

Синоќа околу 22 часот голем пожар избувна во индустриска зона во Нови Сад, а според неофицијални информации нема повредени, јавува 021.рс.
Интервенираа пожарникари од Нови Сад кои го изгаснаа пожарот.
Според 021, наводно се слушнале детонации, а жителите на Нови Сад добиле СМС предупредување да не излегуваат од своите домови.
Одделението за вонредни ситуации издаде предупредување. „Поради пожарот и големите количества чад не излегувајте од објектите додека не помине опасноста“, се наведува во предупредувањето.
За пожарот се огласи и новиот градоначалник на Нови Сад, Жарко Миќин, кој соопшти дека МВР преку новиот систем за известување за итни случаи ги предупреди граѓаните дека поради пожарот и големите количества чад не треба да ги напуштаат домовите додека не помине опасноста.
Засега не се знае што имало во зградата каде што избувна пожарот, ниту што го предизвикало.