Свет
Прв случај на коронавирус и во Емиратите, Турција ги евакуира своите државјани од Вухан
Првиот случај на коронавирус е забележан и во Обединетите Арапски Емирати и тоа во семејство кое допатувало од Кина. Засега не е познато колку членови од семејството се заразени, пренесува „Ројтерс“, но се додава дека заболените се во стабилна состојба.
ОАЕ се составени од седум емирати, а мнозинство од населението живее во Абу Даби и Дубаи.
Според информациите на светските медиуми, прв случај на коронавирус е пријавен и во Тибет, а полуавтономниот регион Хонгконг ја затвори границата кон Кина и го прекина железничкиот сообраќај.
Турција објави дека ќе евакуира 32 турски државјани од Вухан, градот каде првпат се појави коронавирусот, изјави турскиот амбасадор во Кина.
Досега тоа го сторија САД и Јапонија, додека Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Франција, Велика Британија и Индија имаат намера да го сторат истото наскоро.
Според најноите податоци, 132 лица починале од ефектите на новиот коронавирус во Кина, а повеќе од 6.056 лица се разболени.
Надвор од Кина, заболени се 70 лица во 19 држави, од кои најмалку пет во САД, пренесува Си-ен-ен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс му ги одзема титулите на принц Ендру и го сели од кралската резиденција
Британскиот крал Чарлс официјално покрена постапка за одземање на сите титули и почести на принцот Ендру, како и негово селење од резиденцијата „Ројал лоџ“, јави Си-Ен-Ен.
Одлуката уследи по нови реакции во јавноста поради поврзаноста на Ендру со осудениот сексуален преступник Џефри Епштајн и објавувањето на мемоарите на Џуфре, која го обвини принцот за сексуално злоставување додека била тинејџерка, обвинение што тој го негира.
Во соопштение на Бакингемската палата се наведува дека „Неговото Височество денес започна формална постапка за одземање на стилот, титулите и почестите на принц Ендру“ и дека тој отсега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор.
Палатата потврди дека Ендру ќе мора да се исели од резиденцијаа и да се пресели во приватен престој, додека неговите ќерки, принцезите Евгенија и Беатрис, ги задржуваат своите титули.
Во изјавата се нагласува дека „кралското семејство останува со мислите и најдлабокото сочувство со жртвите и преживеаните на сите облици на злоупотреба“.
Јавноста со остри реакции го коментира случајот, особено по откритијата дека Ендру за резиденцијата платил симболичен износ и плаќал минимална кирија, иако од 2019 година не е активен член на кралското семејство.
Свет
Саграда Фамилија официјално стана највисока црква во светот
Познатата барселонска базилика Саграда Фамилија од денес е и официјално највисоката црква во светот, откако беше поставен новиот дел од централната кула, пренесе „Гардијан“.
Делото на Антонио Гауди сега се издига на 162,91 метар, со што ја надмина катедралата во германскиот Улм, висока 161,53 метра. Во следните месеци се очекува кулата на Исус Христос да ја достигне својата крајна висина од 172 метра.
Темелите на базиликата се поставени во 1882 година, а Гауди починал пред да го види проектот завршен.
Последните децении работите се забрзани благодарение на милионите туристи што ја посетуваат црквата; минатата година ја разгледале 4,9 милиони луѓе, а приходите од билетите целосно се користат за финансирање на изградбата.
Комплетното завршување на Саграда Фамилија се очекува околу 2035 година, а 2026 ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на Гауди со низа културни настани.
Свет
Трамп го ограничи бројот на бегалци во САД на 7.500 за наредната година
Американскиот претседател Доналд Трамп го постави годишниот лимит за прием на бегалци на 7.500 лица за фискалната 2026 година, што претставува најниско ниво досега.
Одлуката е дел од поширока промена на политиката кон бегалците, при што Трамп најави дека приоритет ќе имаат Јужноафриканци од белата етничка заедница Африканери, тврдејќи дека се соочуваат со расен прогон — тврдење што властите во Јужна Африка го негираа.
Трамп претходно го паузираше приемот на бегалци, наведувајќи дека ќе продолжи само ако тоа е „во најдобар интерес на САД“. До септември годинава, во земјата пристигнале само 138 Јужноафриканци.
Во документот објавен денес, Белата куќа најави дека ќе се разгледува прием и на други жртви на „незаконска или неправедна дискриминација“, а интерен владин извештај сугерира дека приоритет би можел да се даде и на Европејци кои биле мета поради ставови против масовна миграција или поддршка на популистички партии.
Покрај тоа, администрацијата најави дека надзорот над програмите за бегалци ќе се префрли од Стејт департментот на Министерството за здравство и социјални услуги.

