Свет
Прекинот на електричната енергија во Португалија и Шпанија предизвикан од редок атмосферски феномен
Португалскиот оператор на електричната мрежа – РЕН објави дека прекинот на електричната енергија што ги погоди Португалија и Шпанија е предизвикан од дефект во шпанската електрична мрежа, поврзан со „редок атмосферски феномен“.
РЕН вели дека екстремните температурни разлики во Шпанија предизвикале „аномални осцилации“ на високонапонските далноводи.
Овој феномен се нарекува „индуцирана атмосферска варијација“, што потоа довело до осцилации што предизвикале дефекти во синхронизацијата на енергетските системи.
„Ова предизвика последователни прекини низ меѓусебно поврзаната европска мрежа“, додава РЕН.
Поради сложеноста на ситуацијата, РЕН предупредува дека целосната нормализација на електричната мрежа може да потрае и до една недела.
Шпанскиот оператор на електричната мрежа „Ред Електрика“ објави дека напонот е обновен во одредени трафостаници во северниот, јужниот и западниот дел од земјата.
„Продолжуваме да работиме со сите расположиви ресурси за што поскоро да го вратиме снабдувањето со електрична енергија на целата територија“, соопштија од „Ред Електрика“.
Шпанската национална железничка компанија „Ренфе“ соопшти дека сите возови остануваат во прекин поради прекин на електричната енергија.
Во меѓувреме, мадридското метро, исто така, известува дека сите линии остануваат затворени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсена поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини
Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и актуелен ректор на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, е приведена како дел од истрагата на Европското обвинителство за можна измама во врска со академијата финансирана од ЕУ за млади дипломати, објавуваат белгиските медиуми.
Европското јавно обвинителствопретходно денес објави дека предмет на истрагата е Дипломатската академија на ЕУ, деветмесечна програма за обука на млади дипломати во земјите-членки, која Колеџот на Европа ја доби на тендерот на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.
Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за тендер со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен проектот.
Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Могерини, е приведена на сослушување, потврдија судски извори за белгискиот весник „Стандард“.
Меѓу уапсените е и Стефано Санино, генерален директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и земјите од Заливот, кој беше генерален секретар на ЕЕАС за време на мандатот на Могерини, објавува „Белга“.
Белгиската полиција денес ги претресе канцелариите на ЕЕАС во Брисел, просториите на Колеџот на Европа во Бриж, кој добива средства од ЕУ, како и приватни домови во Белгија, вклучувајќи ја и приватната резиденција на Могерини во Бриж.
Могерини ја предводеше ЕЕАС од 2014 до 2019 година. Од 2020 година, таа е ректор на Колеџот на Европа, а беше избрана и за директорка на Дипломатската академија на ЕУ.
Свет
Ирак ги повика американските компании да го заменат „Лукоил“
Ирачкото министерство за нафта соопшти дека ги поканило американските компании да поднесат понуди за купување на мнозинскиот удел во нафтното поле Западна Курна 2, со кој моментално управува рускиот „Лукоил“. Победникот на тендерот ќе го замени „Лукоил“ како оператор.
Според изворите, ExxonMobil веќе сигнализирал интерес, а интерес покажуваат и BP, TotalEnergies и кинески компании како PetroChina, која управува со соседното поле Западна Курна 1.
„Лукоил“ има 75% од уделот во Западна Курна 2, а остатокот го контролира ирачката државна компанија South Oil Company. По американските санкции воведени во октомври, „Лукоил“ одлучи да го продаде својот странски имот.
Ирак не планира сам да го купи уделот бидејќи проектот е премногу голем за државните компании. Меѓу потенцијалните купувачи се споменуваат и IHC (ОАЕ) и американскиот инвестициски фонд Carlyle, додека швајцарскиот Gunvor се повлекол поради американските регулативи.
Санкциите ја отежнале исплатата на платите и трансферот на пари од „Лукоил“ во Ирак, па владата привремено исплатила заостанати плати за да ја задржи стабилната работа во полето, кое произведува околу 460.000–480.000 барели дневно.
Западна Курна 2 е од клучно значење за Ирак, кој извезува 3,4 милиони барели дневно, а нафтата носи 90% од буџетските приходи на земјата. Производството од ова поле сочинува 0,5% од глобалното производство на нафта.
Регион
Бугарската влада го повлече предлог-буџетот по масовните протести
Бугарската влада соопшти дека ќе го повлече контроверзниот предлог-буџет за 2026 година по масовните протести во главниот град Софија и во други градови низ земјата.
Десетици илјади луѓе учествуваа на протестите против предложениот буџет, за кој рекоа дека се обидува да прикрие широко распространета корупција во владата.
Некои демонстранти, со маски на лицата, се судрија со полицијата, претходно напаѓајќи ги просториите на владејачката конзервативна партија ГЕРБ, како и на партијата ДПС во Софија.
Владата сега соопшти дека ќе се откаже од предлогот, кој предвидуваше и повисоки даноци.
И минатата недела имаше протести, кога владата го достави предлогот до парламентот.
Буџетот за следната година ќе биде првиот што Бугарија ќе го усвои во евра, бидејќи земјата на 1 јануари се приклучува кон еврозоната.
Јавното мислење околу усвојувањето на еврото е поделено, а некои се плашат дека тоа може да предизвика висока инфлација во една од најсиромашните земји на Европската унија.
Протестите против корупцијата во власта се чести во Бугарија, со оглед на тоа што од 2020 година земјата ја водат краткотрајни влади.
Се проценува дека протестот синоќа бил најголемиот во Софија во последните години.

