Свет
Премиерот на Јапонија: Олимписките игри одложени за 2021 година

По Европското првенство во фудбал, договорено е и Олимпијадата во Токио да биде одложена за една година, а двете натпреварувања ќе се одржат во 2021 година!
Јапонскиот премиер Шинзо Абе и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Томас Бах се договорија телефонски дека најдобро решение за сегашната состојба е да се одложат Олимписките игри за една година, па ќе се одржат во 2021 година, како и Европското првенство во фудбал,
„Го прашав претседателот Бах за можноста да се одложи натпреварот за една година, за да можат спортистите да се натпреваруваат во најдобри услови и натпреварот да се одржи во услови безбедни за конкурентите и гледачите. Претседателот Бах комплетно се согласи“, рече јапонскиот премиер.
Олимписките игри во 124 години од својата модерна историја никогаш не беа одложени, а беа откажани во 1916, 1940 и 1944 година во времето на светските војни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: WhatsApp ја испраќа вашата локација до ционистите; WhatsApp: Не споделуваме информации со никого

WhatsApp денес ги негираше обвинувањата дека ги споделува личните податоци на своите ирански корисници со Израел.
Иранската државна телевизија вчера ги повика луѓето да ја избришат апликацијата WhatsApp од своите телефони, тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и ги споделува со, како што велат, ционистичкиот непријател.
„Загрижени сме дека овие лажни извештаи би можеле да се искористат како изговор за блокирање на нашите услуги во време кога луѓето имаат најголема потреба од нив“, изјави портпаролот на WhatsApp, во сопственост на Meta Group.
„Сите пораки што ги испраќате до вашето семејство и пријатели на WhatsApp се енкриптирани од крај до крај, што значи дека никој освен испраќачот и примачот нема пристап до тие пораки, дури ни WhatsApp“, увери тој.
„Ние не даваме информации на ниту една влада“, инсистираше портпаролот на WhatsApp, додавајќи дека „повеќе од десет години Мета обезбедува извештаи за транспарентност што ги вклучуваат ретките околности во кои се барани информации од WhatsApp“.
Во петокот, по избувнувањето на непријателствата во Израел, иранското Министерство за комуникации објави привремени ограничувања на интернет во земјата. Многу веб-страници и апликации оттогаш се делумно или целосно недостапни.
Иранските власти го повикаа населението да ја минимизира употребата на уреди поврзани со интернет и да биде претпазливо онлајн, според новинската агенција ISNA.
На државните службеници и нивните безбедносни тимови им е забрането да користат какви било поврзани уреди, вклучувајќи мобилни телефони, паметни часовници и лаптопи, според упатството од властите.
Иран денес, исто така, објави апсење на пет лица, идентификувани како агенти на Мосад, израелската разузнавачка служба, обвинети за „оцрнување“ на имиџот на Исламската Република на интернет, објавија неколку локални медиуми.
Регион
Трагедија во Грција: Србинка пронајдена мртва на плажа во Олимпискиот Регион

Српска државјанка е пронајдена во несвест во вторникот наутро на плажата Макригијалос во Пиерија (Катерина), Олимпискиот Регион, соопшти денес грчката крајбрежна стража, објави српски „Блиц“.
73-годишната жена со возило на брзата помош била пренесена во Здравствениот центар во Егинио, каде што била констатирана смрт, јавува агенцијата „Ана“.
Како што е наведено, во тек е истрага од страна на Централната пристанишна управа на Солун во Грција.
Пред две недели исто така тело на жена од Србија беше пронајдено во морето кај Касандра, а брзата помош констатира смрт.
Свет
Шефот на иранската атомска енергија: Нуклеарните централи се во добра состојба и покрај нападите

Иранските државни медиуми денес објавија неколку кратки изјави од страна на службеници задолжени за нуклеарната и за енергетската инфраструктура.
Шефот на иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, изјави, според новинската агенција „Фарс“, дека нуклеарните капацитети остануваат во добра состојба и покрај израелските напади.
„Моралот на нашите колеги во нуклеарните капацитети е одличен и тие работат напорно“, рече Еслами.
Ограничувањето на нуклеарните капацитети на Иран и спречувањето на развојот на атомска бомба е една од клучните цели што Израел ги наведе како причина за нападите врз Иран.
Во исто време, министерот за нафта, Мохсен Пакнеџад, изјави дека нападите не влијаеле врз способноста на земјата да го снабдува населението со гориво.
„Секако, за да се обезбеди континуирано и долгорочно снабдување, може да има ограничувања на некои места, но нема да имаме проблем со снабдувањето на граѓаните со гориво“, рече Пакнеџад.