Свет
Пресврт во случајот на Мадуро: САД ги повлекоа обвиненијата за водење нарко-картели, објави „Њујорк тајмс“
Министерството за правда на САД се откажа од клучно и контроверзно тврдење што администрацијата на Трамп го користеше со години против венецуелскиот претседател Николас Мадуро – обвинението дека тој е водач на нарко-картел познат како Картел де лос Солес.
Тоа тврдење беше основа на обвинението од 2020 година и послужи како оправдување за означување на групата како терористичка организација, прво од Министерството за финансии во 2025 година, а потоа од Стејт департментот под Марко Рубио, објавува „Њујорк тајмс“.
Но, латиноамериканските експерти долго време предупредуваат дека Картел де лос Солес не е вистинска организација, туку колоквијален термин измислен од венецуелските медиуми во 1990-тите за да се опишат корумпираните службеници кои профитираат од трговијата со дрога.
Се чини дека Министерството за правда сега го прифати тој факт, објавувајќи изменето обвинение во саботата, по апсењето на Мадуро, кое премолчено ги корегира претходните обвинувања.
Иако обвинителите продолжуваат да го обвинуваат Мадуро за учество во заговор за трговија со дрога, тие го отфрлија тврдењето дека Картел де лос Солес е формална, хиерархиска група. Ревидираното обвинение сега го опишува како „систем на покровителство“ и „култура на корупција“ поттикната од парите од дрога.
Промената е најочигледна во бројките: додека старото обвинение се споменуваше Картел де лос Солес 32 пати, опишувајќи го Мадуро како негов лидер, новото го споменува само двапати. Новата верзија тврди дека Мадуро, како и неговиот претходник Уго Чавез, учествувал во одржувањето и заштитата на овој корумпиран систем.
„Профитот од трговијата со дрога и заштитата на партнерите во трговијата со дрога се слева кон корумпираните цивилни, воени и разузнавачки службеници од пониско и средно ниво, кои работат во систем на покровителство контролиран од оние на врвот – наречен Картел де лос Солес, или Картел на Сонцето, референца на ознаките на сонцето закачени на униформите на високите венецуелски воени службеници“, се објаснува во новото обвинение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Многу добри работи се случуваат во преговорите за завршување на војната во Украина
Добри работи се случуваат во преговорите за завршување на војната во Украина, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што објавува Ројтерс, Трамп не даде повеќе детали, туку зборуваше со „оптимистички тон“.
Минатата недела делегациите на Украина, Русија и Соединетите Американски Држави преговараа за завршување на војната во Абу Даби, каде што главната точка на спор беше прашањето за територијата, објавува Танјуг.
Трилатералните разговори ќе продолжат во недела, на 1 февруари, пишува медиумот.
Свет
Гнев во Европа поради изјавата на шефот на НАТО: „Срамно, не ни треба фанатик на Трамп“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се најде под критики откако изјави дека Европската Унија може да „продолжи да сонува“ за независност од Соединетите Американски Држави во безбедносните и одбранбените прашања.
Неговите коментари следеа по обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да го одземе Гренланд од Данска, невиден потег што ја доведе трансатлантската алијанса, стара речиси 80 години, на работ на колапс. Тензиите се ублажени со договорот за безбедноста на Арктикот, чие склучување беше посредувано од Руте, пишува „Euronews“.
Руте: Само продолжете да сонувате
„Ќе го фалам претседателот Трамп кога ќе направи нешто добро и немам ништо против да ги објави нашите приватни пораки“, им рече Руте на претставниците на Европскиот парламент во понеделникот попладне, осврнувајќи се на објавувањето на нивните приватни комуникации од страна на Трамп.
„Ако некој овде, повторувам, мисли дека Европската Унија, или Европа како целина, може да се одбрани без САД, само продолжете да сонувате. Не можете. Ние не можеме. Ние сме потребни едни на други.“
Говорот на Руте во Парламентот брзо привлече внимание на социјалните мрежи, каде што корисниците масовно споделуваа снимки, а аналитичарите ги анализираа.
Како одговор, Паула Пињо, главната портпаролка на Европската комисија, рече дека политичкиот фокус треба да остане на тоа ЕУ да стане „сè поотпорна“ и „сè понезависна“ на „различни фронтови“, вклучувајќи ја безбедноста и одбраната.
„Можеме да се пофалиме со тоа како успеавме да ја намалиме нашата зависност од увозот на руски фосилни горива“, рече Пињо попладнево. „Ваквите зависности се видливи и во други области: во одбраната, во критичните суровини. Правиме сè што е потребно за да ја намалиме таа зависност и изложеност“, додаде таа.
Пињо се осврна на говорот од минатата недела на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во кој повика на поголема „европска независност“ како одговор на растечката геополитичка нестабилност и конфликт. Фон дер Лајен, исто така, најави нова безбедносна стратегија со посебен фокус на спорниот арктички регион.
„Всушност поврзуваме низа мерки со една цел“, продолжи Пињо. „Да се осигураме дека можеме да постигнеме таква постепена независност“.
Сепак, најострите критики кон Руте дојдоа од Франција, гласен поборник на концептот на „стратешка автономија“ и давајќи предност на европските производи на јавните тендери.
„Не, драги Марк Руте. Европејците можат и мора да ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Дури и Соединетите Американски Држави се согласуваат. Тоа е европскиот столб на НАТО“, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на својот Икс профил.
Натали Лоазо, истакната француска европратеничка која присуствуваше на состанокот на комитетот каде што зборуваше Руте, беше уште подиректна.
„Тоа беше засрамувачки момент“, напиша Лоазо на социјалните мрежи. „Руте мисли дека со тоа што ќе биде груб кон Европејците ќе се умилкува на Трамп. Не ни треба фанатикот на Трамп. НАТО треба да ја врати рамнотежата помеѓу американските и европските напори.“
Во меѓувреме, Шарл Мишел, поранешен претседател на Европскиот совет, му се потсмеваше на шефот на НАТО затоа што го нарече Трамп „тато“ за време на минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран. Трамп подоцна го употреби терминот за да ги брани сопствените одлуки за надворешна политика.
„Драг Марк Руте, грешиш. Европа ќе се брани. А Доналд Трамп не ми е татко“, рече Мишел. „Иднината на Европа бара визија, храброст и лидерство. Не оставка, покорност и фатализам.“
Свет
(Видео) Канадскиот премиер: Трамп ми се јави, му реков дека го мислев сèто тоа што го кажав во Давос
Канадаскиот премиер Марк Карни изјави дека стои зад својот говор во Давос во кој ги нарече „нескротливите суперсили“ откако функционер од администрацијата на Трамп тврдеше дека Карни „агресивно“ ги повлекол тие забелешки во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп. „Мислев на она што го кажав во Давос“, им рече Карни на новинарите во Отава.
„Му реков на претседателот дека стојам зад моите зборови“
„Да бидам сосема јасен, и му реков на претседателот, мислам на она што го кажав во Давос“, рече Карни, потврдувајќи дека разговарал со Трамп по телефон. Неговата изјава дојде откако американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави за „Фокс њуз“ во понеделникот дека Карни „многу агресивно повлекол“ некои од своите изјави во телефонски разговор со Трамп.
Mark Carney’s outstanding Davos speech. His best speech yet, I think!
Here it is in full. pic.twitter.com/DrZVF64tEo— Gandalv (@Microinteracti1) January 20, 2026
Говорот на Карни во Давос се најде во насловите низ целиот свет, индиректно повикувајќи го американскиот претседател за „пукнатина“ во повоениот светски поредок. Трамп одговори следниот ден, исто така во Давос, велејќи дека „Канада живее поради Соединетите Американски Држави“.
Зборувајќи со новинарите во Отава, Карни ја поби верзијата на Бесент за телефонскиот повик. Тој потврди дека американскиот претседател го повикал во понеделникот и дека двајцата имале „многу добар разговор за широк спектар на теми“, вклучувајќи ги Украина, Венецуела, безбедноста на Арктикот и неодамнешниот трговски договор на Канада со Кина.
Карни рече дека тие разговарале и за USMCA, договорот за слободна трговија меѓу Канада, САД и Мексико, кој треба да биде задолжителен за преглед подоцна оваа година. Премиерот рече дека неговиот говор во Давос јасно ставил до знаење дека „Канада беше првата земја што ја разбра промената во трговската политика на САД што ја иницираше Трамп и ние реагираме на тоа“.
Трамп ѝ се закани на Канада со 100 проценти царини на нејзините стоки ако дозволи кинеските стоки слободно да течат во САД, заобиколувајќи ги американските царини. Карни додаде дека верува оти последната закана на Трамп со царини е преговарачка тактика пред разговорите за ревидирање на USMCA. „Претседателот е силен преговарач и мислам дека некои од овие изјави и позиционирање треба да се гледаат во тој поширок контекст“, заклучи тој.

