Свет
Принцезата од Дубаи бара заштита од судот во Велика Британија

Отуѓената шеста сопруга на владетелот на Дубаи, принцезата Хаја бинт ал-Хусеин, побара од лондонскиот суд во вторникот наредба за заштита на лице принудено на брак, пренесува „Брејтбарт“.
Принцезата Хаја (45), ќерка на кралот Хусеин од Јордан и сопруга на шеикот Мохамед бин Рашад ал-Мактум (70), го изнела барањето за заштита на прелиминарната расправа во Семејниот суд во Лондон за децата на двојката. Хаја побарала и старателство над нивните две деца и наредба за немалтретирање.
Нејзиниот сопруг, кој истовремено е потпретседател и премиер на Обединетите Арапски Емирати, покрај тоа што е владетел на Дубаи, не присуствуваше на рочиштето. Тој поднесе барање до Високиот суд за враќање на децата во Дубаи по напуштањето на ОАЕ со принцезата Хаја на почетокот на годинава.
Неговите адвокати побараа од претседателот на Семејниот суд, сер Ендрју Мекфарлан, да го ограничи известувањето за случајот, што Мекфарлејн го одби дозволувајќи им на медиумите да откријат што бара Хаја. Во заедничката изјава за постапката претходно овој месец, парот рече дека постапките се однесуваат на добросостојбата на двете деца од нивниот брак и не се однесуваат на развод или финансии.
Повеќе од 1.800 налози за заштита на лица во принуден брак се издадени меѓу 2008 и 2018 година за да се спречи оваа незаконска практика и Велика Британија ги забележа своите први успешни гонења минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран

„Русија е загрижена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руски „Интерфакс“.
Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин добива онлајн-извештаи за настаните што се случуваат меѓу Израел и Иран.
„Претседателот Путин добива извештаи во реално време од руското Министерство за одбрана, Службата за надворешно разузнавање и од Министерството за надворешни работи за настаните во регионот“, рече Песков.
Според него, руското Министерство за надворешни работи, по наредба на претседателот на Русија, набргу ќе издаде детаљно соопштение за ситуацијата меѓу Израел и Иран, „кое потоа ќе биде дистрибуирано до Обединетите нации“.
Свет
Израел ги скри патничките авиони на тајна локација надвор од земјата

Израелските авиокомпании „Ел Ал“, „Аркија“ и „Исраир“ ги преместија своите авиони надвор од земјата на непозната локација како подготовка за можен ирански напад врз аеродромот „Бен Гурион“, јавува дописникот на „Скај њуз“ од Блискиот Исток.
Авионите беа транспортирани без патници како дел од однапред подготвени безбедносни протоколи во случај на понатамошна ескалација и напади врз клучна инфраструктура.
Ноќеска, Израел изврши голем воздушен напад врз повеќе цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц.
Свет
Германија ја зајакнува заштитата на еврејските и израелските институции по нападот врз Иран

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Израел има право да го брани своето постоење, а по израелските напади врз Иран, наредил зголемена заштита на еврејските и израелските објекти во Германија.
Утрово телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и свика состанок на кабинетот за безбедност во Берлин, објави германската влада.
Мерц нагласи дека целта останува да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и го обвини Техеран дека продолжува да ги крши своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и дека претставува сериозна закана за регионот, особено за Израел.
Тој ги повика двете страни да се воздржат од потези што би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот и да го дестабилизираат Блискиот Исток.
Синоќа Израел изврши воздушен напад врз повеќе цели во Иран како дел од операцијата „Стоечки лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.